Филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, кој е дел од овогодинешната селекција за 36. издание на Европските филмски награди, освои номинација и за Европската универзитетска филмска награда – European University Film Award (EUFA), која е една од категориите на Европските филмски награди за која гласа жири составено од студенти од 25 универзитети од 25 земји во Европа.
Номинираните пет филмови од 5 европски земји се избираат од селекциите од играни и документарни филмови за Европските филмски награди 2023. Останатите четири филма номинирани за наградата се францускиот „Анатомија на пад“ во режија на Џастин Триет, „Зелена Граница“ на режисерката Агнешка Холанд, британско-грчката копродукција „Како да се има секс“ во режија на Моли Менинг Вокер и германскиот „Сала за наставник“ на режисерот Илкер Чатак.
Европската филмска академија ја лансираше Европската универзитетска филмска награда – European University Film Award (EUFA) во 2016 година, заедно со филмскиот фестивал во Хамбург, а во меѓувреме стана и една од официјалните категории на Европските филмски награди, за која што не гласаат членовите на Европската филмска академија, туку студенти од универзитетите учесници. Целта на оваа награда е активно да ја инволвира младата публика, да ја шири „европската идеја“ и да го пренесе духот на европското кино до публиката помеѓу 20 и 29 години.
По оваа номинација следуваат проекции на филмовите и дискусии во рамките на семинари кои ќе бидат организирани на универзитетите кои се дел од оваа програма, а во декември, по еден студент – претставник на својот универзитет – ќе присуствува на одлучувачки состанок кој ќе се одржи во Хамбург. Во модерирана дебата студентите ќе одлучат за победникот, а ЕУФА 2023 ќе биде доделена за време на церемонијата на Европските филмски награди која ќе се одржи во декември 2023 во Берлин.
Воедно, денес започнува гласањето на членовите на Европската филмска академија за селектираните филмови за Европските филмски награди во останатаите категории и истото трае до 18. октомври 2023. Членовите ќе имаат можност да гласаат за категориите најдобар европски филм, режисер, актерка, актер и сценарио за селекцијата од играни и документарни филмови. Номинациите ќе бидат објавени на 7. ноември, по што членовите на Академијата ќе гласаат за победниците кои ќе бидат презентирани на церемонијата во Берлин.
„Домаќинство за почетници“, кој е во продукција на Лист Продукција од Скопје, е избран и за годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.
Филмот ја имаше својата светска премиера на филмскиот фестивал во Венеција, каде ја доби Queer Lion наградата, а македонската премиера се одржа на отворањето на интернационалниот фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“.
„Домаќинство за почетници“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, а преку компанијата Focus Features ќе биде дистрибуриран на територијата на САД. Интернационален дистрибутер на филмот за останатите територии е Universal Pictures, додека продажните агенти на филмот New Europe Film Sales од Полска ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.
Во скопските кина “Домаќинство за почетници” ќе почне да се прикажува од 12. октомври 2023.
(Нова ТВ)