Полскиот министер за финансии Анджеј Домански ги пофали најновите податоци за малопродажбата и индустриското производство во земјата, најавувајќи дека земјата може да се пофали дека е најбрзорастечка економија во Европа, објави полската агенција ПАП.
„Забрзуваме! По силните бројки за индустриско производство вчера, денеска имаме многу високи бројки за малопродажбата“, напиша Домански на платформата Х.
„Платите растат, каматните стапки паѓаат, економијата забрзува! Денеска, Полска е најбрзорастечката голема европска економија“, додаде тој.
Полскиот завод за статистика денеска објави дека малопродажбата во октомври се зголемила за 5,4 отсто на годишно ниво и за 6,7 отсто на месечно ниво.
Заводот вчера објави дека индустриското производство се зголемило за 3,2 отсто на годишно ниво и за 5,4 отсто на месечно ниво.
Полскиот премиер Доналд Туск, исто така, коментираше за најновите статистички податоци за економијата на земјата.
„Во однос на стапката на раст, Полска е пред сите други големи европски економии. Без разлика дали им се допаѓа на другите или не, ние сме најдобри“, напиша полскиот премиер на платформата Х.
Тој потсети на слоганот на владејачката коалиција: „Дела, а не зборови“.

