Студијата, исто така, откри дека ДДТ сè уште постои во животната средина, иако бил забранет во некои земји уште во 1972 година.
Речиси 200 пестициди се пронајдени во домашната прашина низ цела Европа, открива нова студија.
Затоа научниците ги повикаа регулаторите да ги земат предвид „токсичните коктели“ од хемикалии кога одлучуваат дали да ја забранат или ограничат употребата на пестициди.
Тие велат дека нивното истражување ја поддржува идејата дека регулаторите треба да ги проценат ризиците што ги претставуваат пестицидите не само поединечно, туку и кога тие комуницираат со други хемикалии. Ова, велат тие, треба да важи и за супстанциите што веќе се во употреба, како и за оние што сè уште не се одобрени.
Што се крие во домашната прашина?
Според прелиминарните резултати од најголемата студија од овој тип, која ја испитувала домашната прашина од домовите во 10 европски земји во 2021 година, откриени се вкупно 197 пестициди.
Повеќе од 40% од пестицидите пронајдени во прашината се поврзани со високи нивоа на токсичност, вклучувајќи го и ризикот од рак и хормонски нарушувања кај луѓето.
Бројот на пестициди во индивидуалните домови се движеше помеѓу 25 и 121, при што повисоките нивоа на пестициди најчесто се евидентирани во домовите на земјоделците.
Професорот Пол Шеперс од Институтот за биолошки и еколошки науки Радбауд рече дека голем број студии покажуваат поврзаност на болести со мешавини од пестициди.
Тој додаде дека пестицидите влегуваат во домовите преку чевли или со помош на домашни миленици.
„Ако не ги соблечеме чевлите на влезот, внесуваме многу нечистотија. Домашните миленици се исто така извор на контаминација. Многу студии покажуваат дека животните од надворешната средина собираат одредени загадувачи, вклучувајќи пестициди. Друга група извори се производите за широка потрошувачка што ги внесуваме во домовите… секој пестицид што го купуваме во продавницата, а важен извор е заштитата од болви и крлежи за домашните миленици“, рече експертот.
Иако концентрациите на индивидуални пестициди во прашината беа ниски, мешавините од десетици хемикалии може да имаат негативни здравствени ефекти, особено имајќи предвид дека луѓето често се изложени на поголеми количини пестициди преку овошје, зеленчук и цвеќе.
Студијата, исто така, откри дека ДДТ сè уште постои во животната средина, иако бил забранет во некои земји уште во 1972 година.
Шеперс нагласи дека оние што одобруваат употреба на производи треба да ја земат предвид перзистентноста на хемикалиите во животната средина – дури и ако производи како PFAS беа забранети сега, тие веројатно сè уште би биле присутни.

PFAS супстанциите се познати како „засекогаш хемикалии“ бидејќи не се разградуваат во природата.
Тие се користат во индустријата и производството на многу производи за широка потрошувачка, а некои се поврзани со сериозни болести кај луѓето и животните, вклучително и рак.
„Производи како ДДТ, кои долго време се забранети, се толку упорни што се акумулираат во животната средина и постојано циркулираат… Сега го имаме истиот проблем со PFAS – практично се повторува. Можеби властите би можеле да ја земат предвид упорноста на хемикалиите – хемиската стабилност значи дека тие се упорни во животната средина и можат да се акумулираат во синџирот на исхрана. Многу е веројатно дека во иднина ќе откриеме слични проблеми со други упорни хемикалии“, рече Шеперс.
Истражувачите велат дека нивната студија открила какви мешавини од пестициди има во животната средина и дека регулаторите можат да тестираат за тие комбинации, покрај оние намерно направени за комерцијална употреба кои веќе се анализирани.