Нападите на контејнерските бродови во Црвеното Море досега не влијаеле на цените на енергијата и стоките во Европа, изјави еврокомесарот Валдис Домбровскис, нагласувајќи дека влијанието во моментов е ограничено само на цените на транспортот.
Трошоците за транспорт растат, рече Домбровскис по неформалниот состанок на министрите за трговија на ЕУ во Брисел.
Трошоците растат бидејќи логистичките компании ги пренасочуваат бродовите околу ‘Ртот на Добрата надеж, со што нивните патувања се подолги.
Од ноември минатата година, јеменското движење Ансар Алах ја блокира пловидбата на бродовите поврзани со Израел, барајќи прекин на израелските воени операции во блокираниот палестински Појас Газа и испорака на хуманитарна помош за Палестинците.
Во средината на јануари, САД и Велика Британија ги нападнаа целите на движењето во Јемен, објаснувајќи дека сакаат да обезбедат пловидба по рутата низ која минува до 15 отсто од светската трговија и која е особено важна за азиско-европската размена.
Комесарот за трговија на ЕУ рече дека енергијата и стоките во ЕУ досега не поскапеле.
„Пошироките економски последици, влијанието врз потрошувачките цени и економијата на ЕУ во целина, во голема мера ќе зависат од времетраењето на кризата“, рече Домбровскис.
Тој додаде дека сега е важно да се разговара за мерките за заштита на бродовите што превезуваат стока во Црвеното Море.