Достоевски за големата завршница на МОТ 2023

Драмската програма на овогодинешниот МОТ завршува вечерва со претставата „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ во продукција на Српскиот народен театар од Нови Сад (20:00, МКЦ, сала 25 мај)

Според текстови на Фјодор М. Достоевски, претставата е во режија на Јернеј Лоренци.

Достоевски целиот свој живот се обидувал да навлезе во суштината на тоа кои сме навистина, признавале ние или не.

Филозофскиот фокус на „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ е сконцентриран околу прашањата дали Бог постои и ако постои, зошто создал таков пекол на Земјата каде што живееме во толку многу болка и страдање; и ако не постои, каква надеж имаме за да излеземе од оваа беда и суровост? Лоренци и Старина првенствено ги поставуваат овие прашања со прикажување приказни за детските страдања. И навистина, детето е толку важен лајтмотив, што сликата на детето е на постерот за претставата (младиот Раскољников). Да го преформулираме прашањето на почетокот на параграфот – ако децата како најневини човечки суштества толку многу страдаат на Земјата, дали тоа е доказ дека Бог не постои или дека е крајно суров?

Играат:
Радивој Ќупиќ, Лидија Стевановиќ, Ненад Пеќинар, Марија Меденица, Сонја Кеслер, Нина Пророчиќ Рукавина, Душан Вукашиновиќ и Димитрије Аранѓеловиќ Сценографија: Бранко Хојник
Костимографија: Белинда Радуловиќ
Композитори: Бранко Рожман, Димитрије Бељански
Кореографија: Грегор Луштек

Во придружната програм на фестивалот за денеска ќе се одржи работилницата „Карневал за ‘Себеси’“ под менторство на Мирза Метин (12:00 ФДУ).

Оваа работилница претендира преку серија на физички и вокални вежби учесниците да доживеат автокарневалско искуство. Вежбите главно се составени од вокални и физички анализи на традиционални курдски танци и песни. Различните овчарски гласови се исто така една од темите што се провлекува низ овие вежби. Во вториот дел од работилницата ќе се користи и сопствената културна, физичка и вокална меморија на учесниците.

Вечерва, во МКЦ со почеток во 18:00 часот ќе биде презентирана платформата „Испробување на феминистички иднини 2.0“ која Тиииит! Инк. ја реализира во соработка со ЛОКОМОТИВА – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, ФДУ Скопје и МОТ, ќе бидат претставени фрагменти од досегашната работа на перформансот преку кои ќе може да се увидат некои од основните принципи и методи на работа на колективот.

Со цел преку поддршка на кревката локална сцена да придонесе кон афирмација, феминистичка едукација и развој на продукција во полето на современите изведувачки уметности, во 2021 година, Тиииит! Инк. ја формираше Платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ  ИДНИНИ. Како продолжение на програмата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0, годинава локален интердисциплинарен колектив развива феминистички преформанс, чијашто премиера е планирано да се случи во рамки на програмата МОТ+. МАЧКАТА ЕЛЕОНОРА е нивниот проект, кој допира до актуелни феминистички прашања преку преиспитувањето на можностите за радикална самоопределба и идентитетска трансформација. Поаѓајќи од истоимената монодрама на германската авторка Карен Јес (DIE KATZE ELEONORE, Caren Jeß), тие ги истражуваат овие централни прашања од феминистичкиот и родовиот дискурс, но и можностите за колаборативна изведувачка практика, која се води од дијалогот помеѓу теоријата и уметноста. Истражувајќи преку комбинирањето на различни перформативни медиуми – видео, трансформација на простор, звук, тело, говор и авторски текст, колективот се занимава и со сопствената позиција во локалниот уметнички контекст, преведувајќи го изворниот текст и како израз на индивидуалната и колективна криза на припадност и неприпадност. Во рамки на презентацијата на платформата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0 која Тиииит! Инк. ја реализира во соработка со ЛОКОМОТИВА – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, ФДУ Скопје и МОТ, ќе бидат претставени фрагменти од досегашната работа на перформансот преку кои ќе може да се увидат некои од основните принципи и методи на работа на колективот.

Во рамките на МОТ за утре, 18 ноември, е предвидена промоцијата на монографијата „Чашуле, приказнувачот“, на Ана Стојаноска, театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје Уметнички директор и Претседател на Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Монографијата претставува научна и емотивна книга за македонскиот писател и драмски автор Коле Чашуле, на стогодишнината од неговото раѓање. Замислена е како троен преглед на три важни топоси поврзани со неговата работа и со работата на авторката. Насловена е „Коле Чашуле: приказнувачот“, според еден од текстовите во книгата. Ова е исклучително ретка книга во македонската театролошка литература. Не само во жанровска, туку и во поетичка смисла, книгата „Чашуле, приказнувачот“ се препознава како прилично, дури и експлицитно „хибридна“: нејзиниот „темелен“ дискурс е, напоредно, и научно дистанциран (театролошки аргументиран/„објективен“), ама и евидентно „субјективен“: интимистички тактилен, речиси романескно „расприкажан“, поетичен, наведува проф. д-р Јелена Лужина во рецензијата на книгата.

Книгата е заедничко издание на авторката во соработка со Факултетот за драмски уметности – Скопје и „Арс Ламина“. Промотор на книгата е проф. д-р Јелена Лужина, а промоцијата ќе се одржи утре, сабота, 18 ноември, со почеток во 16 часот на ФДУ.


Зачлени се на нашиот е-билтен