Достоинствено чествување на 80 години македонска азбука во Словенија

Во Крањ, Словенија, се одржа првата промоција на двојазичната монографија „80 години македонска азбука“, објавена на македонски и на словенечки јазик. Ова е единствената монографија посветена на осумдесетгодишнината од кодификацијата на македонскиот јазик објавена надвор од Македонија.

Промоцијата ја организираа словенечката македонистика на Филозофскиот факултет во Љубљана, предводена од Намита Субиото, и македонската заедница во Словенија. Субиото е уредничка и идеен творец на изданието, кое беше реализирано со поддршка од словенечкото Министерство за култура и Сојузот на македонските културни друштва во Словенија.

На настанот, за монографијата говореше Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој потенцираше дека книгата ги објаснува и вреднува процесите на усвојување на македонската азбука и правопис, истовремено отворајќи прашања за предизвиците со кои се соочува македонскиот јазик денес. Антоновски потсети на пораката на Ацо Шопов:

„Вонредно брзиот, динамичен и сложен растеж на македонскиот јазик е историски факт, и ние го примаме без романтичарски занеси и без националистички егзалтации. Право и должност на сите нас − од институциите до граѓаните − е да го негуваме.“

Монографијата содржи повеќе делови, вклучувајќи ги:

  • Литературна ризница – избрана поезија на врвни македонски поети и поетеси од различни генерации, со мотиви на азбуката и мајчиниот јазик, во оригинал и превод на словенечки јазик.
  • Буквосвет – фрагменти за секоја буква од македонската азбука од „Бушава азбука“ на Горан Стефановски, со превод на словенечки јазик. Ова е прв превод на ова легендарно детско издание надвор од Македонија.
  • Креа(к)тивност – наградени творби од литературниот конкурс „Јазикот и зборот – чувари на македонската традиција“, раскази, есеи и ликовни творби на македонски автори од Словенија.
  • Портрети и историја на заедницата – живот и дело на активни членови на МКД „Св. Кирил и Методиј“ и Сојузот на МКД во Словенија.

На промоцијата, која се одржа во рамки на традиционалната манифестација „Прешерново оро“, беа отворени изложби, се читаа поетски настапи, а фолклорни точки изведоа најмладите членови на македонската заедница во Крањ.

Монографијата е достапна и онлајн и претставува најдостоинствено чествување на кодификацијата на македонскиот јазик надвор од границите на Македонија, поттикнувајќи меѓукултурен дијалог, афирмирање на македонската литература и зачувување на врската со матичната култура за идните генерации.

Зачлени се на нашиот е-билтен