Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Довербата не е игра на нулта сума

Сѐ е во единствената разумна линија, дека уставните измени за исполнување на принципот на ЕУ за малцинствата дефиниран низ Копенхагенските критериуми носи повеќе од еден бенефит, а нула ризици, никакви лоши нуспојави. Ризиците се зголемуваат само со одложување на измените, бидејќи довербата кон нас се намалува што остава дамка на натамошна недоверба во секое следно Поглавје.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Непријатно е да се гледа како се разговара тука за ЕУ и обврската за продолжување на преговорите, како да е ЕУ некаде на друга планета оддалечена многу светлосни години, па не ја прима нашата врева таму. Чудно е да се гледа како се дискутира (ако воопшто се квалификува зборов) за минатите Договори (Охридски, Преспански и билатералниот со Бугарија) кои се елементарни во предлог- договорот Рамка, како да нема да се сретнеме со ЕУ повторно. Навистина: Ќе се сретнеме ли со ЕУ пак, па ќе се правиме наудрени какви невалидности му се нуделе на народот, но и на ЕУ сега како страна која, сепак имала голем степен на доверба во нас – дека принципите на Европскиот проект се и наши принципи? Или навистина мислиме дека не припаѓаме во Европа и покрај географијата?

Дејвид Хјум вели „Невозможно е да се раздели шансата за доброто од ризикот за лошото“, што многу често го гледаме во медицината – практично нема лек или процедура без нуспојави. Меѓутоа, во науката, но и во индивидуалниот живот, постојано и прилично добро ја премеруваме големината на ризикот за лошото, за да ја „фатиме“ шансата за доброто. Слично, слободно може да кажеме дека безобразните во сообраќајот „притискаат“ на шансите за доброто за себе, одземајќи од тие шанси од останатите учесници, а на сите им го додаваат од ризикот за лошо, вклучувајќи се и себеси. Често го споменувам сообраќајот како уредно замислен систем, но кадешто учесниците поединечно имаат многу сиромашна комуникација, нелична, непостоечка за „очи-в-очи“- критериумот според цела претходна човечка еволуција. Однесувањата во сообраќајот можат да бидат и прототип за покомплексните општествени случувања, кадешто учесниците во општеството – немаат сите директна комуникација. Заради тоа, најистакнатата заедничка карактеристика на општеството и сообраќајот е – недовербата. Сообраќајот тоа го решава со многу стриктни и отсечно јасни правила, дури и се така конструирани, што следат логичен алгоритам кој може да се решава и со писмен тест, како што и навистина се прави при полагањето возачки испит.

Општеството нема таква уредност. Тоа се мачи де со устави, де со закони, де со правилници по институции, де со усогласувања меѓу институциите, особено тие кои имаат почеста комуникација (на пример Администрацијата на Градот со Катастарот, итн.)… Но, нема доволно алгоритамски-логичен „правилник“ кој би бил толку универзален, што еден граѓанин, на пример, за да може да биде пристоен учесник во општеството (како возачот во сообраќајот), да може да полага според тој „правилник“! Најмногу што нѐ крепи во пристојноста за учество во општеството е пак она еволутивното, меѓуличното, што се засновува, овојпат – на довербата. Затоа при општествените случувања кога некако, и имаат, и немаат личен контакт со актерите во нив, пристојните граѓани доживуваат своевидна когнитивна дисонанца од парадоксот помеѓу довербата и недовербата. Секако, еволутивно програмирани, фокусот е на недовербата кон учесниците кои не се познаваат лично, недовербата кон процесите за кои се има малку информации, но и фокус за недоверба по инструкција за недоверба за тие процеси или ликови од други, кои на некој начин ја добиле нашата доверба, а никогаш не сме ги сретнале лично. А за целиот спектар на доверби/недоверби, можеби и сме во група во која има некој или некои кои ја пренесуваат својата доверба од личното познавање со некого кого поголемиот број луѓе од групата не го познаваат лично.

Во секој случај, кон некого кого не можеме да го „измериме“ на оној стариот, еволутивниот начин (пред да се фрлиме во комплетна недоверба, секако), за да се има доверба/недоверба – мора да му се прави постојана евалуација со помош на информации. Мора да знаеш дали преговараш со некого на кого можеш да се потпреш или со лажго, и тоа не врз основа на детекција на „знаци“ кај ЕУ, туку со сопствената отвореност, со прашања, макар и негативни. На пример, слушнал ли некој дека претставниците од ВМРО-ДПМНЕ, прашале било кога некој претставник од ЕУ вака: „Немате намера да нѐ примите, нели?“, но токму таа идеја си ја експлоатираат како пропаганда – де не сме биле доволно развиени, де не нѐ сакале, ова, она. Но има многу конкретен и детален план, зарем некој што лаже прави таков прецизен распоред. И јасно, кога процесот е заснован на информации, некој „пронашол“ дека му е згодно дезинформациите да влезат во игра и да ги заменат информациите или дури и да инструираат мрза – т.е. неземање предвид на информација. Имено, да се потсетиме од Хјум, штом шансата за доброто е преплетена со ризикот за лошото, нели тогаш би требало да бидеме попретпазливи со – што е лошото, што е ризикот за лошото и колку се одзема од шансите за доброто? Односно, нашиот природен фокус кон проценката на ризикот за лошото, не би смеел да остане еднодимензионален без универзален општествен „правилник“ како во сообраќајот, а тоа е по дефиниција недостаток на информации.

Односно, бидејќи за покомплексните општествени процеси за иднината на цела држава со сигурност сме во ситуација во која немаме лична комуникација со сите учесници во тој општествен сообраќај, би требало да ја имаме предвид и оваа димензија: Дали сме некому корисни да бидеме неинформирани, дезинформирани или да нѐ мрзи да ги реевалуираме информациите за оние на кои лично не сме ги „измериле“.  Лично, не верувам во непредизвикана декапацитираност за евалуација од страна на ниедно човечко население на светов, меѓутоа, мора да се признае дека механизмите на замена на информацијата со дезинформација се моќни како механизмите за перење мозок (слично како познатото „кембриџовско“ спирално учење). Тие механизми работат во спектарот на довербата/недовербата, што веднаш имплицира постепено слепило за шансите за доброто, односно, нивно губење, а што понатаму уште повеќе го заострува фокусот кон ризиците за лошото, со кои недовербата се зголемува, па така довербата се намалува, што продуцира уште повеќе губење шанси за доброто… И сѐ така спирално до дното од 0 доверба, со 0 шанси за доброто. Во превод, со огромни ризици за лошото без ништо добро. Значи, да имаме предвид, ние и сами себеси сме си најкорисни ако успееме да ги фатиме шансите за добро, така што ризикот за лошо да биде минимален – но некој можеби има интерес, како безобразните во сообраќајот – да ни ги зголеми ризиците за лошото, па ако треба и вклучувајќи се и себеси. Сепак, со наша помош (ќе го пуштиме негодувајќи), тој ќе си ги зголеми шансите за сопственото добро на некое пониско ниво (на пример, дошол понапред), затоа што нѐ уценил со ризици за лошо од повисоко ниво (на пример, судар)!

Ова уште повеќе укажува дека довербата, во отсуство на општествен правилник, не е некаква проста наивност, туку е „зграбувач“ на шансите за добро и на двете страни – во win-win добивка. Тоа е состојба на взаемно потпирање за постигнување некоја цел, без оглед на асиметричноста на „јачината“ по други основи на секоја од страните. Таков е и односот меѓу учителот (кој сака да пренесе знаење) и ученикот (кој сака да прими знаење). Учителот не го губи знаењето (напротив), тоа не е процес со нулта сума. Еднаш веќе забележав дека сме преплавени со учесници кои сакаат да ја определуваат нашата иднина водејќи Политика на нулта сума, и со меѓународните учесници, и со нас одвнатре (ВМРО-ДПМНЕ и Левица) истакнувајќи ја слабоста на својата (и нашата) страна во процесот за пристапување кон ЕУ преку неисполнување на некаков билатерален реципроцитет! Многупати цивилизациски го симнаа нивото на тој НАШ процес со слични пазарџиски тегавења („бришење историја“, „диктат“, „губење идентет“ и други сексуални играчки за следбениците). Инаку, тие би требало да го чувствуваат и како нивни процес, но од клиентелистичката гужва, ВМРО-ДПМНЕ гледа само пред меѓународните претставници да направи ЕУ-гримаса, а дома блуе анти-ЕУ огнови, додека Левица не би се сретнала со ЕУ повторно и затоа не им е гајле за доверба со нив. Но, ВМРО-ДПМНЕ не им „плеснал“ в очи: „Не ни влевате доверба“, туку напротив, разговорот им оди во смисла „Верувајте ни, го поддржуваме процесот“. Зошто воопшто се правдаат ако не ѝ веруваат на ЕУ како што ги вртат пропагандите со „прво да се средиме сами“, „не за бугарски диктат“ и „Фон дер Лајен ќе ги стерилизира македонските жени“ (искажано од собраниската говорница), итн?

Ако одиме со дивергенцијата на ВМРО-ДПМНЕ кон взаемна недоверба, секое Поглавје ќе го „пораѓаме“ со тешкотии, и ние, и ЕУ. Всушност, не е многу за верување дека од ВМРО-ДПМНЕ не се свесни за тоа. Напротив, бидејќи се многу свесни, тие гледаат дополнителни 35 шанси за кочење на процесот.

Но, последната „финта“ на ВМРО-ДПМНЕ е, просто, неразбирливо антицивилизациска според концептот на негубење на шансите за доброто, имено, да бидеме такви слабаци, што најосновниот Копенхагенски критериум за признавање на малцинства би го одложиле дури после „положеното“ 35-то поглавје (тоа се испити, практично, колку што и отприлика полага студент предмети до дипломирање). Кајшто веќе двајца лидери (бившиот и тековниот) на ВМРО-ДПМНЕ се означени како дезинформативни канали во студијата на Европскиот парламент “Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them” (стр. 30), тие со најновата пазарџиска „финта“ би ги сосекле шансите за доброто и задоволно би нѐ устремиле кон максимум ризици за лошо. Имено, ние не сме послабата страна затоа што сме мала земја или заради некаков билатерален нереципроцитет. Туку, со вакви „финтаџии“ само презентираме недоверба, што води во испуштени можности за доброто и само кон ризици за лошото. Тоа е она клучното што нѐ прави слаба страна.  

Да не заборавиме, и ЕУ има интерес во истата насока, односно Северна Македонија да стане членка на ЕУ, но тоа не значи дека ќе ни прогледува низ прсти за недоветности како непочитување на основен Копенхагенски критериум. Напротив, веќе имала доверба во нас дека за нас тој критериум не е тежок за исполнување, ниту пак нѐ кошта нешто. Односно, ЕУ сметала дека се разбираме оти шансите за добро за двете страни се големи и треба да се „зграбат“, додека истовремено ризиците за лошо со исполнување на критериумот – се никакви. Истата мерка што ја одмеруваме кога земаме апче против мигрена: Шансите за проаѓање на мигрената се далеку поголеми од ризиците од состојките од апчето. Дури и лесно може да заклучиме дека интересот на Европа е конвергентен со нашиот интерес, заради што неодложното исполнување на критериумот за признавање на малцинствата (сосе бугарското) би донело бенефити на двете страни, при што недвосмислено нашиот бенефит е доста поголем. Обратно, ако одиме со дивергенцијата на ВМРО-ДПМНЕ кон взаемна недоверба, секое Поглавје ќе го „пораѓаме“ со тешкотии, и ние, и ЕУ. Всушност, не е многу за верување дека од ВМРО-ДПМНЕ не се свесни за тоа. Напротив, бидејќи се многу свесни, тие гледаат дополнителни 35 шанси за кочење на процесот, а не само овој нормален услов за продолжување на преговорите, од кој многу добиваме – не само во однос на продолжетокот, туку и со самата измена. Тоа е вистинска гордост, да кажеш дека имаш храброст да имаш таков модерен Устав кој поединечно ги набројува сите присутни малцинства, па ако треба и неприсутните, за разлика од стариот тип со обопштена формула кајшто се „подразбираат“. И вториве воопшто не значат на пример, „Франција на Французите“ или „Хрватска на Хрватите“.

Што и да се каже натаму, сѐ е во единствената разумна линија, дека уставните измени за исполнување на принципот на ЕУ за малцинствата дефиниран низ Копенхагенските критериуми ни носи повеќе од еден бенефит, „фаќање“ на повеќе добри шанси, а ваму – нула ризици, никакви лоши нуспојави. Ризиците се зголемуваат само со одложување на измените, бидејќи довербата кон нас се намалува што остава дамка на натамошна недоверба во секое следно Поглавје. Како познатиот „прв впечаток“.

Зачлени се на нашиот е-билтен