Дождот во Скопје не ја изгаси „Дрисла“ – чадот и смрдеата ги гушат граѓаните

Иако од ноќеска дождот ја покри скопската котлина, тој речиси и да не помогна во гаснењето на големиот пожар на депонијата „Дрисла“. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека и претходните денови биле истурени огромни количини вода врз депонијата, но чадењето и понатаму продолжува, па ќе мора да се преземат дополнителни мерки.

Жителите на населбите Аеродром, Ново Лисиче, Драчево, Кисела Вода и Центар со денови се жалат на неподнослива смрдеа на запалена гума и густ чад. Тие споделуваат видеа и фотографии на социјалните мрежи и бараат итна интервенција на институциите.

Ангелов објасни дека силниот ветер го сменил правецот и чадот директно стигнал до градот. „Вечерва и во текот на ноќта продолжуваат активностите за затрупување на депонијата, а рано изутрина ќе бидат засилени,“ најави тој.

Експерти алармираат за несоодветно управување

Екологот Филип Иванов предупреди дека пожар на контролирана депонија не може да се појави сам од себе:
„Од контролирана депонија направивме апокалиптична сцена со чад и оган. Ова е резултат на некомпетентно менаџирање – ваков пожар не се гаси само со вода,“ порача тој.

Мицкоски: Решение е модернизација

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека визуелно чадот изгледа загрижувачки, но параметрите на воздухот засега не покажуваат алармантни вредности. Тој најави дека по изборите ќе се работи на модернизација на „Дрисла“ преку јавно-приватно партнерство, со цел изградба на фабрика за енергија и подобра заштита од вакви инциденти.

Зачлени се на нашиот е-билтен