Француски суд денеска го осуди поранешниот анестезиолог Фредерик Пешје на доживотен затвор поради труење на десетици пациенти, од кои 12 починале, јавуваат француските медиуми.
Судењето против Пешје започна на 8 септември пред судот во источниот француски град Безансон, а тој беше прогласен за виновен по 30 точки од обвинението за труење. Судот одлучи дека осудениот ќе мора да помине најмалку 22 години во затвор пред да може да побара условно ослободување.
Пешје, кој работел во две клиники во регионот, беше обвинет дека намерно труел пациенти на возраст од четири до 89 години, предизвикувајќи срцев застој. Обвинителството посочи дека неговите постапки ги претвориле медицинските установи во, како што беше наведено, „гробишта“.
Со пресудата, судот му изрече и трајна забрана за вршење на лекарската професија.
Според француската телевизија BFM TV, Пешје не покажал видлива емоција кога била објавена пресудата, додека членовите на неговото семејство колабирале во судницата. Во текот на целиот судски процес, тој ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека не е одговорен за труењата.
„Ќе го кажам тоа и секогаш ќе го повторувам: не, јас не сум трујач“, изјави Пешје во своето завршно обраќање пред поротата.
Обвинителството побара доживотна казна затвор, а судот во целост го прифати тој предлог.