Доживотна казна за обид за атентат на Трамп доби Рајан Рут (59) во федералниот суд во Форт Пирс, откако беше прогласен за виновен дека во септември 2024 се обидел да пука во тогашниот претседателски кандидат, а денес претседател на САД, Доналд Трамп, на голф-терен во Флорида.
Според судските наоди, Рут бил забележан како се крие во грмушки во близина на теренот на „Trump International Golf Club“ во Вест Палм Бич, со полуавтоматска пушка и опрема за набљудување, додека Трамп играл голф. Агент на Тајната служба на САД го воочил пред Трамп да дојде во видик, по што агентот отворил оган, а осомничениот избегал, оставајќи го оружјето зад себе; подоцна бил уапсен.
Судијката Ејлин Кенон ја изрече пресудата оценувајќи дека станува збор за „смислсен и пресметан план да се одземе човечки живот“ , додека обвинителството побара најстрога казна со аргумент дека ваквите дела се насочени кон поткопување на демократскиот поредок и дека мора да се испрати порака оти политичкото насилство е неприфатливо.
Поротата го прогласи Рут за виновен по пет точки, вклучително и за обид за атентат, како и за незаконско поседување оружје, попречување федерален службеник и други поврзани дела. На доживотната казна му е додадена и последователна седумгодишна казна за една од пресудите поврзани со оружје.
Рут на суд изнел неорганизирано обраќање со теми за странски војни и желба да биде разменет со политички затвореници, а во судски поднесоци тврдел дека немал намера да го убие Трамп и дека е подготвен за психолошки третман во затвор. Одбраната барала 27 години, повикувајќи се на возраста, но судот го отфрлил барањето.
Случајот од Флорида се случил околу два месеца по претходниот обид за атентат врз Трамп на митинг во Батлер во јули 2024 година, што дополнително ја вжешти дебатата во САД за безбедноста на политичарите и за радикализацијата што се прелева во насилни акти.