Индустрискиот сектор се соочува со драматична ситуација на крајот од 2025 година, изјави претседателот на БДИ, Петер Лајбингер, за ДПА.
„Економски, Германија е во најдлабоката криза од основањето на Сојузната Република, но федералната влада не реагира доволно решително – Лајбингер ја критикуваше коалицијата ЦДУ/ЦСУ и СПД“, пренесува Дојче Веле.
Тековниот извештај на БДИ предвидува нов пад на индустриското производство од два проценти оваа година. Ова би значело дека обемот на индустриското производство се намалува четврта година по ред.
„Ова не е цикличен пад, туку структурен пад“, рече Лајбингер. Германската индустрија континуирано губи земја, додаде тој. Германската економија е „во слободен пад“, предупредува шефот на моќно индустриско здружение.
Сепак, БДИ е малку пооптимистичен во однос на Европската Унија. Според нивната анализа, индустриската рецесија во рамките на ЕУ веројатно е веќе завршена. БДИ ја ревидираше претходната прогноза нагоре и сега очекува индустриското производство да порасне за еден процент оваа година. Претходната прогноза беше за пад од еден процент. И уште добри вести: БДИ не очекува падот на германскиот извоз да продолжи во 2025 година.
Ниско искористување на капацитетите во хемиската индустрија
Извештајот на БДИ опфаќа различни индустрии, фокусирајќи се меѓу другите на хемиската индустрија. Неодамна, искористеноста на капацитетите на хемиските фабрики во земјата беше само 70 проценти. Машинското инженерство и челичната индустрија се исто така под притисок. Сепак, ситуацијата во градежната индустрија се чини дека се стабилизира.
Во автомобилската индустрија се очекува производството да се зголеми, а искористеноста на капацитетите во меѓувреме се зголеми. Сепак, вработеноста во автомобилската индустрија е сè уште во негативен тренд. Економските експерти предупредуваат на можноста за губење на работни места во клучна гранка на националната економија.
„На Германија сега ѝ е потребна фундаментална промена во економската политика со јасни приоритети во однос на конкурентноста и економскиот раст“, рече Лајбингер.
Секој месец без решителни структурни реформи ќе ја чини Германија дополнителни работни места и просперитет и сериозно ќе го ограничи просторот за маневрирање на земјата во иднина, предупредува шефот на БДИ. Поточно, Лајбингер бара федералната влада да ги приоритизира инвестициите – а не трошењето. Специјалниот фонд (од кој стотици милијарди евра треба да се инвестираат во обнова на инфраструктурата и зајакнување на економијата итн.) мора транспарентно да се користи за дополнителни инвестиции, вели БДИ.
Критика кон федералната влада
Критичарите се жалат дека федералната влада едноставно префрла проекти од државниот буџет во тој посебен фонд за инфраструктура и заштита на климата, со цел потоа да ги користи ослободените средства од буџетот за финансирање на разни проекти на социјалната држава, како што е таканаречената „мајчина пензија“. Тоа е мерка што беше усвоена на инсистирање на баварската ЦСУ. Нејзината цел е да се зголемат пензиските приходи на мајките (и татковците), така што времето што го поминале дома (наместо на работното место) одгледувајќи деца да биде вклучено во нивната пензија.
Извор: Дојче веле

