Драмски театар 80 години: „Мачкина глава“ премиерно на 21 април

Драмскиот театар од Скопје на 21 април ќе одбележи 80 години постоење со праизведба на претставата „Мачкина глава“, според нов текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски. Директорот на Драмски, Роберт Вељановски, најави дека пробите за претставата ќе почнат на 24 и 25 февруари, а на прес-конференција посочи дека авторскиот текст на Андоновски реферира на „Диво месо“ како важна референца во македонската драматика.

Во рамки на јубилејот, Драмски најави и гостувања на околу десетина театри од земјава, а се водат преговори за гостување и на Нишкиот театар. Вељановски најави дека речиси сите скопски театри ќе бидат застапени, меѓу нив и Албанскиот театар Скопје, Турскиот театар Скопје и Театарот за деца и младинци со детска претстава, потсетувајќи дека институцијата во своите почетоци функционирала како театар за деца, односно куклен театар.

Како историски податок за сцената во објектот каде што денес е сместен театарот, беше посочено дека првата претстава одиграна таму на 4 март 1965 била „Богомилска балада“, во режија на актерката и прва македонска режисерка Тодорка Кондова-Зафировска, адаптација на романот „Она што беше небо“ од Владо Малески.

Драмски најави и дека првата премиера за годинава ќе биде на 7 март со претставата „Ова е само крајот на светот“ од Жан-Лик Лагарс, во режија на Теа Беговска. За мај, пак, е најавено гостување на режисерот Дино Мустафиќ од Босна и Херцеговина, кој ќе работи две претстави, „Федра“ од Расин и „Федра“ од Сара Кејн, а премиерата се очекува на „Охридско лето“.

До крајот на годината е најавено и издавање монографија по повод 80-годишнината на Драмскиот театар, како и два броја од списанието на ДТС „Театарски гласник“, од кои едниот ќе биде тематски и посветен на Тодорка Кондова-Зафировска, по повод 100 години од нејзиното раѓање.

Зачлени се на нашиот е-билтен