Според најновите податоци од Европскиот завод за статистика (Евростат), цените на недвижностите во Европската Унија продолжија да растат во текот на третиот квартал од 2025 година, додека и кириите исто така забележауваат стабилен, но побавен раст.
Во споредба со истиот период од претходната година, односно третиот квартал од 2024 година, цените на недвижностите во ЕУ се зголемија за 5,5 проценти, додека кириите се зголемија за 3,1 процент. Во споредба со вториот квартал од 2025 година, растот на цените на становите изнесуваше 1,6 проценти, а киријата 0,9 проценти.
Овие податоци беа објавени како дел од редовниот извештај на Евростат за трендовите на цените на становите и претставуваат резиме на подетална анализа од публикацијата „Statistics Explained“, која се занимава со долгорочните трендови на пазарот на недвижности и изнајмување во Европската Унија.
Според податоците на Евростат, цените и кириите на становите во ЕУ имале сличен тренд во периодот од 2010 до вториот квартал од 2011 година, но потоа нивните трендови се разидувале. Додека кириите бележат постепен и постојан пораст со текот на годините, цените на недвижностите покажаа многу понестабилен модел, менувајќи се помеѓу периоди на пад, стагнација и ненадејно зголемување на цените.
Во последната деценија, од 2015 до третиот квартал од 2025 година, цените на становите во Европската Унија се зголемија за вкупно 63,6 проценти, додека пак, во истиот период кириите се зголемија за 21,1 процент, што укажува на значително побрз раст на трошоците за купување недвижности во споредба со трошоците за изнајмување.
Националните податоци покажуваат дека, споредувајќи го третиот квартал од 2025 година со 2015 година, цените на куќите пораснале побрзо од кириите во 25-те земји-членки на ЕУ за кои има достапни податоци. Најизразен раст е забележан во Унгарија, каде што цените на недвижностите се зголемија за дури 275 проценти, или повеќе од трипати во период од десет години.
Цените на становите се зголемија повеќе од двојно во уште 11 земји-членки, а Португалија со зголемување од 169 проценти, Литванија со 162 проценти и Бугарија со 156 проценти се издвојуваат меѓу земјите со најголем раст. Финска е единствената земја во Европската унија во која цените на становите се намалија за два проценти во овој период.
За разлика од цените на недвижностите, кириите се зголемија во периодот од 2015 до третиот квартал од 2025 година во сите 27 земји-членки на Европската унија. Најголем раст е забележан во Унгарија, каде што кириите се зголемија за 107 проценти. По нив следуваат Литванија со раст од 85 проценти, Словенија со 76 проценти, Полска со 75 проценти и Ирска со 74 проценти.
Податоците на Евростат потврдуваат дека прашањето за достапноста на домувањето останува еден од клучните предизвици во Европската Унија, со оглед на долгорочниот тренд на силен раст на цените на недвижностите, кој во многу земји далеку го надминува растот на приходите и трошоците за кирија.