Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Дрисла“ мора да се огради за да се спречи загадувањето


Жителите на Батинци со години се жалат на загадувањето од депонијата, укажувајќи дека низ неа се расфрлени остатоци од човечки тела, дека постојано во воздухот се шири страшна смрдеа, но дека ја загадува и Маркова Река, во која се испушта отровна вода од езерото во депонијата.

Во наредниот период депонијата „Дрисла“ мора да се огради и да се набави нова печка за согорување медицински отпад, односно инцелератор. Во моментов печката што ја поседува депонијата е без филтри и без можност на неа дополнително да се постават, со што би се спречило загадување.

Токму за набавката на нова софистицирана печка станало збор и при денешната посета на јавното претпријатие „Дрисла“ од министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гинкова.

Министерот вели дека интегрираната дозвола за работа на депонијата ја издава Министерството, но дека за тоа е неопходно да се исполнат неколку услови.

Интегрираната дозвола ја издава Министерството за животна средина но таа е условена од конкретни мерки и конкретни инвестиции за депонијата да биде во функција, да биде со високи стандарди за да не биде штетна најпрво за жителите од Батинци, а потоа и за сите други. Прво треба да се врати оградувањето на Дрисла бидејќи е ризично и штетно за граѓаните да биде без ограда, но треба да се направат и други инвестиции – рече Меџити.

Според директорот на „Дрисла“, Ненад Јосефски, кој со депонијата управува нецели три месеци, претпријатието има во план да спроведе неколку активности во наредниот период.

Во план за јавни набавки ни е поставување ограда, изработка на пречистителна станица, тоа ни е исто приоритет, како и изготвување техничка спецификација за набавка на инцелератор за уништување медицински отпад – нагласи Јосевски.

Во дозволата што ја поседува „Дрисла“ меѓу другото е предвидено да се постави нова печка за медицински отпад, но таа е скапа, па како што посочи директорката на ДИЖС, со Јосевски денеска поразговарале како можат финансиски да помогнат Министерството и Инспекторатот за да отпочне модернизација на депонијата.

Од загадувањето од депонијата, најзасегнати се жителите на Батинци, село што се наоѓа во непосредна близина. Тие досега одржаа повеќе протести на кои бараа да се стави крај на 30-годишното загадување кое го трпат од депонијата и „Дрисла“ да работи според закон. Жителите се жалеа дека по депонијата се расфрлени остатоци од човечки тела, дека постојано во воздухот се шири страшна смрдеа. Како што посочија на еден од протестите од депонијата се загадува и Маркова Река, во која се испушта отровна вода од езерото во депонијата.

Последното загадување на Маркова Река, предизвикани од „Дрисла“ се случи во септември, кога батинчани алармираа дека водата во реката е црна.

Не е првпат да поцрни реката. Секогаш кога врне е исто. Во депонијата „Дрисла“ има езеро, кое кога врне се преполнува и се излева во Маркова Река – информираа жителите, кои веднаш пријавиле во Инспекторатот за животна средина и ги повикале инспекторите да излезат на терен.

Анализата на мострите земени од водата покажале загадување.

На 10 септември се случила хаварија на Маркова Река, нашиот инспектор има земено мостри што се дадени на акредитирана лабораторија која ги врши испитувањата, има надминувања и за тоа „Дрисла“ има прекршочно решение, кое сега е на суд. Тие можеле да направат спогодба, но одбиле и сега судот одлучува колкава ќе биде казната за јавното претпријатие. Казните се големи, со новиот закон се од 120 илјади евра, па нагоре, имало случаи и по 200.000 евра да се изрече казна – вели директорката на ДИЖС.

Гинкова тврди дека нивните инспектори прават редовни контроли на „Дрисла“ и дека имаат желба да помогнат да се спречи загадувањето на околината.

Зачлени се на нашиот е-билтен