Дронови од засега непознато потекло минатата ноќ се регистрирани над воените бази „Клајне-Брогел“ и „Леополдсбург“ во провинцијата Лимбург во североисточна Белгија, јавија белгиските медиуми.
Според локалниот весникот „Беланг ван Лимбург“, вработен во касарната „Клајне-Брогел“ забележал дрон на небото, но не можел да процени дали се наоѓа над базата или во нејзина близина.
Тој за случајот ја известил локалната полиција, но кога полициски припадници пристигнале на местото дронот веќе исчезнал. За инцидентот било известено и белгиското разузнавање.
„Клајне-Брогел“ е воздухопловна база на белгиската Армија во која е сместено американско нуклеарно оружје, а од 2027 година таму треба да бидат стационирани и новите борбени авиони Ф-35, што Белгија неодамна ги нарача од САД.
Весникот посочува дека по ова дронови биле забележани и над блиската касарна „Леополдсбург“, но нема детали за околностите под кои се регистрирани леталата.
Ова е нов случај на забележани дронови над касарни во Белгија, откако во претходните недели беспилотни летала беа регистрирани над воените бази „Марш-ан-Фамен“ и „Елзенборн“ во источна Белгија.

