Од денешниот протест во Неготино, другарки, соученици и сограѓани на 22-годишната Фросина Кулакова што завчера беше прегазена на ул. „Партизанска“ во Скопје, со солзи во очите порачаа, дека прегазувањето на Фросе е голема трагедија за загубен млад живот и огромна, загуба аа семејството, и затоа мора да има одговорност.
Другарка на Фросина, Вера Најдовска, рече дека не може да најде зборови со кои може да ја изрази болката од трагедијата.
„Ти беше не само моден дизајнер, ти беше личност која успеваше да ги спои сите бои и да ги претвори во нешто што ќе остане во срцата на сите кои те познаваа. Ти не си само жртва на нечии неопростливи одлуки. Не си само репетитативна жртва на системот во државата, најмногу од се, Фроси, ти си херојка во сите нас. Ти остави длабок печат, а за нас твојата слика ќе остане врежана во сеќавањата, девојка со бескрајна позитивна енергија, која го претвораше светот во место полно со бои и радост. „Шо напраив бе” беше се што монструмот можеше да каже. Епа ти, остави фамилија без своето чедо, момче без својата долгогодишна љубов и сите нас без најискрениот и најсветлиот другар, истакна Најдова.
На протестот зборуваше и Каролина Маркова, наведувајќи дека Фросина беше светлина во животите на сите што ја познаваа. – Со нејзината добрина, насмевка и топлина оставаше трага каде и да зачекореше.
„Имаше планови, соништа, љубов кон животот, кои, за жал, никогаш нема да бидат остварени. Сѐ што остана се болката и празнината што ја чувствуваме. Но, најмногу од сѐ чувствуваме гнев и неправда. Еден момент на несовесност, еден миг на невнимание, одзеде живот кој требаше да биде исполнет со уште многу радости и успеси. Загубивме ќерка, сестра, пријателка, сограѓанка – загубивме човек кој со своето постоење го разубавуваше светот околу себе. Не смееме да дозволиме вакви трагедии да станат само бројки, само вести што брзо се забораваат“, рече Маркова, порачувајќи дека мора да се бара одговорност, побезбедни улици и поголема свест и совесност кај сите.
Софија Шутова, која беше дел од организаторите на протестот, во Неготино, порача дека неказнивоста доведува до вакви големи трагедии.
„Ова е предупредување за нас дека не сме безбедни. Оние кои треба да не штитат, се на страната на виновниците. Ни даваат порака дека нашиот живот не вреди во моменти кога треба да се заштити некој финансиски и позициски помоќен од нас“, рече Шутова.