Дружбата со кучиња позитивно влијае на здравјето на жените

Познато е дека кучињата се најдобриот пријател на човекот, но нова студија покажува дека тие особено позитивно влијаат на жените.

Истражувачите откриле дека поминувањето време со кучиња може да ја забави староста на клеточно ниво. Дури и само еден час неделно поминат со кучиња може да има позитивен ефект врз здравјето на жените.

Студијата била спроведена со 28 жени на возраст од 32 до 72 години, сите американски ветерани со дијагноза посттрауматски стресен поремет (ПТСП). Тие биле поделени во две групи и учествувале во едночасовни сесии еднаш неделно, осум недели.

Едната група активно работела со кучиња за обука на други ветерани, додека контролната група гледала видео материјали на иста тема. Мерени биле биолошки показатели на стрес, како варијабилност на срцевата фреквенција, а биле земени и примероци плунка за мерење на должината на теломерите – заштитни структури на краевите на хромозомите кои ја штитат генетската информација.

Резултатите покажале дека жените кои активно се занимавале со кучиња имале подолги теломери, што укажува на побавно стареење на клетките, додека кај групата што гледала видео теломерите биле пократки. Двете групи пријавиле намалување на ПТСП, анксиозноста и симптомите на стрес, што покажува дека дури и учеството во студијата само по себе имало терапевтски ефект.

Авторите посочуваат дека работата со животни може да биде ефективна дополнителна терапија, и дека не е неопходно секогаш да имате свое куче – дури и повремено дружење со животни може да биде корисно.

„Ветераните се соочуваат со уникатни предизвици при враќањето во цивилниот живот, а традиционалните третмани не секогаш ги задоволуваат нивните потреби. Волонтирањето со животни може да има сличен лековит ефект без дополнителни обврски“, истакнува д-р Шерил Краузе-Парело, авторка на студијата.

Студијата е објавена во списанието Behavioral Sciences и се нагласува дека резултатите треба да се толкуваат со претпазливост поради малата бројка на учесници и фактот што сите биле жени со ПТСП.

Зачлени се на нашиот е-билтен