Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Граѓаните за есенската кошничка: Требаше да ги намалат маржите пред трговците да ги качат цените

Додека власта подготвува мерки, „здивеа“ цените во маркетите и на пазарите, се жалат граѓаните. Драстично поскапеа зеленчукот и овошјето, во период кога се прави зимница. Владејачките партии велат дека се обидуваат да го подобрат стандардот на граѓаните, опозициската СДСМ вели дека ветената есенска кошничка ќе стане зимска

„Поскапување има, ненормално дури. Секој втор ден зголемуваат цени“, вели скопјанката Нада Димитриевска, додека граѓаните ја чекаат есенската кошничка со намалени цени на одредени производи во траење од еден месец, за која премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе се разгледува на владината седница во вторник.

Додека власта ја крои кошничката, “здивеа“ цените во маркетите и на пазарите, се жалат граѓаните. Тие се скептични дека храната ќе поевтини.

„Додека не видам(мерки), нема да поверувам“, вели жителка на Скопје во анкетата на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Граѓаните ги бројат парите и прават пресметки што да купат, а од што да се откажат во овој период од годината, кога традиционално се прави и зимница. Но, за многумина пиперот за ајвар веќе е луксуз – килограм се продава од 60 до 80 денари.

„Не да се зголемени цените, многу се зголемени. Но ете вака, ќе најдеме нешто поевтино и така ќе се снајдеме“, вели Катарина Ристовски од Скопје за РСЕ.

Владата со сезонски потрошувачки кошнички ќе се обиде да ја зголеми куповната моќ на граѓаните. До вторник треба да биде познато кои прехранбени производи ќе бидат опфатени со есенската потрошувачка кошница. Според најавите, треба да има месо, млеко, пекарски и конзервирани производи, но конечната листа би се знаела во вторник.

По есенската, треба да има и пролетна кошничка по пониски цени, како и намалување на цените за божиќните, рамазанските и велигденските празници, за производите што во тој период најмногу се трошат.

Поскапеа зеленчукот и овошјето, килограм домат е 150 денари

Драстично поскапување има кај зеленчукот и кај овошјето, во споредба со цените од пред две недели – во маркетите, килограм домат се продава за 150 денари, килограм пипер и краставици чинат по над сто денари, килограм грозје е по околу 80 денари…

Граѓаните забележале дека и цените на основните прехранбени производи одат нагоре.

„Mлекото, јајцето, зејтинот. Тоа се основни работи што во светот се со пониска цена за да може обичниот човек да преживее. Треба да се размислува општо, во текот на целата година да бидат намалени. Тие сега ги качија цените, па ај ќе ги замрзнеме…ама на таа цена, нека ги замрзнат додека беа пониски. Мислам дека ова е само една, ај да не ја речам измама на луѓето. Како мало залажување“, вели Адријана Темова од Скопје.


Сите посочуваат виновник за високите цени, никој не го санкционира

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објави дека синдикалната минимална кошница за август беше 61. 199 денари. Тоа е зголемување за 629 денари во споредба со на минималната кошничка за јули.

Најголем дел од овие пари, повеќе од 30 отсто или 22.300 денари, се трошат за храна.

Од ССМ соопштија дека во периодот од јануари до август, минималната кошница е зголемена за 4.036 денари, а од кога се пресметува по новата методологија, односно од декември лани до август годинава, зголемувањето е 4.677 денари.

„Сметаме дека се што се прави во интерес на работниците, за намалување на цените, е добра идеја, но треба да се спроведе во целост. Се надеваме дека делот на храна и пијалаци кој го пресметуваме како ССМ, ќе биде појдовна основа кои се оние сто производи на кои ќе треба да бидат ограничени маржите за да им се помогне на работниците со најниски примања. Ние денеска плаќаме зеленчук како да сме јануари, плаќаме овошје како да сме во средината на зимата, нешто што не е оправдано“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Заводот за статистика, пак, пресмета дека кај трошоците на живот во август во споредба со јули најголемо е зголемувањето кај храна и безалкохолни пијалаци, за 1,2 отсто.

Стапката на инфлација за август беше 2,2 отсто во однос на август 2023 година.

Организација на потрошувачи: Kошничката е корисна, но е краткотрајна

Од организацијата на потрошувачи(ОПМ) оценија дека есенската кошничка е корисна, но е краткотрајна.

„Не сме вклучени во дискусијата, меѓутоа ние секогаш сме биле за намалувањето на маржите. Особено сега кога имаме енормно покачување на цените, ние како поторшувачи сме затечени и ја намалуваме нашата домашна потрошувачка со цел нешто да се заштеди што со фактички цело време влијае на економијата на државата“- изјави Маријана Лончар Велкова, претседателка на ОПМ.

Таа смета дека ред во цените треба да стави Законот за забрана на нефер трговски практики и рече дека неговата примена мора да почне навреме, бидејќи потрошувачите индиректно ќе бидат заштитени со овој закон.

Законот предвидува повеќе од 2.500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто (тоа е разликата меѓу цената по која набавуваат одреден производ и по која потоа ќе го продаваат).

„Тоа се нефер трговски пракси кои се наметнуваат на самите производители од страна на трговците. Тие им се ним добавувачи. Индиркетно ќе се заштитат потрошувачите со тоа затоа што ќе ги намалат маржите на тие 2. 500 производи кои им ги добавуваат добавувачите“, рече Лончар Велкова.

Законот за нефер трговски практики би требало да стапи на сила на 29 септември, откако претходно шест месеци беше одложен за да се прилагодат компаниите на новите правила.

Нема потврда дали овој закон навистина ќе почне да се применува од 29 септември, бидејќи премиерот Мицкоски најави дека повторно може да биде одложен за недела, две, три, за Владата да му излезе во пресрет на стопанството доколку тоа побара одреден период за прилагодување.


Без поголемо домашно производство нема пад на инфлацијата

Економски експерти сметаат дека континуираниот раст на цените е последица на намалено домашно поризводство на храна и според нив било каква владина мерка може да има само кратокорчен ефект.

„Нашава земја станува заложник на увозот. Се повеќе увезуваме, се помалку произведуваме за широка потрошувачка. Мора да смениме мајндсет, мора да ја промениме стратегијата со која ќе се поддржи домашното производство, кое секако треба да има директно влијание во намалување на цените. Ако продолжиме да бидеме зависни од увоз и цените ќе бидат повисоки“, рече економскиот аналитичар Арбен Халили во изјава за РСЕ.


Ниту закон нема да помогне против високите цени

Опозициската СДСМ оцени дека сите мерки што досега ги најави Владата се задоцнети, а есенската кошничка која ја вети ќе стане зимска.

„Цените на храната растат неконтролирано и владата досега веќе требаше да излезе со мерки за намалување, а не да чека. Наместо да ги замрзне цените на производите власта на Мицкоски ги замрзна платите, што е целосно погрешно. Тоа не е случај со Владите од соседството кои на големо спроведуваат акции за намалување на цените, а платите продолжија да растат. Во Србија на пример поевтинија над 700 производи“, соопштија од СДСМ.

Црна Гора од 6 септември почна кампањата за ограничена цена, која вклучува ограничување на маржите на производите од посебно значење за животот и здравјето на луѓето и содржи листа од 71 производ.

Во Србија на 1 септември започна кампањата „Најдобра цена“ во чии рамки до крајот на октомври цените на околу 700 производи во околу 2.500 малопродажни продавници во земјата ќе бидат пониски. Кампањата вклучува 81 вид на производи, а просечниот попуст ќе изнесува 26,82 отсто.

Зачлени се на нашиот е-билтен