Државата удри по пушењето: Строг закон излезе на ЕНЕР, целосна забрана за реклами и построги правила

Министерството за здравство го објави предлог-законот за заштита од пушење на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), со што започна јавната расправа во која граѓаните, институциите и организациите можат да доставуваат забелешки, критики и предлози пред неговото усвојување.

Министерот за здравство, Азир Алиу, оценува дека новото законско решение отвора суштинско прашање што директно го засега јавното здравје, особено здравјето на децата и младите.

Според него, тутунот и никотинот и понатаму се водечка причина за превентабилна смрт, додека изложеноста на чад и аеросоли сериозно ги загрозува и непушачите. Дополнителен проблем, како што посочува, се новите никотински производи, ароматите и агресивниот маркетинг, кои сè почесто се насочени кон младата популација.

Целта на законските измени е воспоставување строга контрола врз појавата и ширењето на новите тутунски и никотински производи. Со предлог-законот се предвидува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорство, ограничување на продажбата и изложувањето на ваквите производи, како и зајакнување на забраната за пушење во јавни и работни простории.

Од Министерството порачуваат дека намерата не е казнување, туку превенција, заштита на јавното здравје и поддршка на граѓаните во откажувањето од зависноста.

Со ова законско решение, државата испраќа јасна порака дека здравјето е повисока вредност од комерцијалниот интерес и дека јавниот простор мора да биде безбеден за сите граѓани.

Предлог-законот е усогласен со европската регулатива и со обврските преземени преку Рамковната конвенција на Светската здравствена организација за контрола на тутунот.

Зачлени се на нашиот е-билтен