Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Државниот врв го честиташе христијанскиот празник Христово раѓање – Божик на верниците од православна вероисповед

Државниот врв им го честиташе христијанскиот празник Христово раѓање – Божик на верниците од православна вероисповед и на архијереите и свештенството на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ, упати честитка до сите граѓани кои го прославуваат денот на Христовото раѓање, до архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, господин господин Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.

-Дозволете ми да ви го честитам големиот христијански празник Рождество Христово со поздравот – Христос се роди! Годинава Божиќ се празнува во време на голема неизвесност, страв и човечки страдања предизвикани од војни, кризи и социјални неправди. Предизвиците не ги одминуваат ниту македонските граѓани, особено најранливите меѓу нас. Како заедница на верните, Црквата е повикана активно да учествува во обновата на надежта. Со солидарност кон ранливите, со заложби за социјална правда, со личен интегритет, со почит кон различните, Црквата и верниците можат да придонесат кон обновата на довербата и добрината во нашата заедничка македонска татковина, се вели во честитката на Пендаровски.

Нека Христовото раѓање, се додава во честитката, биде поттик за секој од нас, да ја следиме Божиќната порака: „Мир на земјата, а меѓу луѓето добра волја“.Среќен Божиќ!Христос се роди!

Претседателот на Собранието Талат Џафери на сите припадници на православната вероисповед, упатува искрени честитки по повод големиот христијански празник, Христовото раѓање – Божиќ, со желби празникот повторно да ги собере околу себе семејствата, пријателите, соседите и познаниците за дружење, споделување среќни мигови и заедничка трпеза.

– Нека празникот, со сето свое волшепство рефлектира топлина во овие зимски денови, нека ги грее срцата со човештво, солидарност, взаемна почит и разбирање меѓу сите граѓани, и меѓу оние што го слават овој голем празник, и меѓу оние што изразуваат почит кон него. Важно е да се споделува благородна мисла, убава желба и топла прегратка, вели Џафери во честитката за Божиќ.

Сите, нагласува Џафери, имаме потреба од зборови на поддршка кои даваат мир и спокој во душата и домовите, кои даваат надеж и верба во подобро утре и кои влеваат оптимизам дека новата година ќе донесе убави и позитивни вести за нашата земја.

– Да се сплотиме, да бидеме креатори на сигурната иднина за нашата младина, за нашата земја! Предизвиците кои стојат пред нас можеме да ги надминеме само заедно и единствени, со јасна цел пред себе. Само тогаш е гарантиран успехот и постигнувањето на зацртаните определби, на успешна, напредна и европска Република Северна Македонија! Бидете живи, здрави и спокојни! Среќни Божиќни празници, се вели во честитката за Божиќ од претседателот на Собранието.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во чест на големиот христијански празник, Рождество Христово – Божиќ, во име на Владата и во свое име, упати телеграма со честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски синод, свештенството и монаштвото и до сите граѓани кои денеска празнуваат.

„Раѓањето Христово – Божиќ, секоја нова година, симболизира нов почеток и со тоа отвора нова можност, поискусни, помудри и со чисти мисли да пристапиме кон нови добри дела, што носат добро за сите. Само солидарни, истрајни во вербата и со храбри чекори напред, како што покажува и Христовото дело, можеме да го постигнеме посакуваниот спокој и да осигуриме просперитет.

Божјата светлина нека засвети во сечие срце. Нека поттикне љубов, почит, грижа и разбирање дека на секој човек му се дадени овие универзални вредности, преку коишто може, треба и има лична одговорност да учествува во создавањето перспективен свет за сегашните и иднинте генерации.

Овој празник нека ги осветли со надеж и со радост сите домови.

Посакувам празничните денови да ги поминеме во добро здравје, меѓу саканите, во мир и благослов.

Христост се роди! Честит Божиќ!“, напиша премиерот Ковачевски во телеграмата до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан. 

Најново