Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Државниот врв го четиташе 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Државниот врв на Република Северна Македонија, претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Димитар Ковачевски, упатија честитки до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Претседателот Пендаровски во честитката вели дека „како и пред 130 години, така и сега мора да ги надминеме поделбите и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин“.

– Како што борбата на револуционерната генерација беше за слободна и праведна држава, така нашата борба денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот што раѓаат недоверба, социјална неправда и масовно иселување на младите. Како и пред 130 години, така и ние мора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин, истакнува Пендаровски во честитката по повод  23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. 

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери во својата честитка наведува дека споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, треба да биде потсетник и учител за новите секојдневни битки кои ги водиме како граѓани на современа, демократска, напредна и безбедна Република Северна Македонија. 

– Од име на Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име упатувам честитки по повод државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Овој ден е споменик на револуционерната идеја која водела низ битки во кои многумина го положиле најскапоценото, животот. Затоа што знаеле дека револуцијата е раскрсница помеѓу иднината и минатото. Тие верувале во слободна, независна, единствена и напредна држава во која секој ќе може да ја гради својата иднина и иднината на своите млади поколенија горделиво и достоинствено, истакнува Џафери во честитката. 

Премиерот Димитар Ковачевски во честитката по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба порачува дека „континуитетот на борбата за слобода и придонесот на револуционерите во реализирањето на вековниот идеал за независна македонска држава е денешен мотив, од Република Северна Македонија да создадеме европска и напредна држава“. 

-На денешниот Ден на македонската револуционерна борба гордо ги спомнуваме македонските револуционери и нивниот стремеж, истрајност и исклучителна храброст во борбата за слобода, сувереност, независност и македонска државност. Континуитетот на борбата за слобода и придонесот на револуционерите во реализирањето на вековниот идеал за независна македонска држава е денешен мотив, од Република Северна Македонија да создадеме европска и напредна држава. Обединети, храбро и со забрзан чекор да продолжиме по европскиот пат и да обезбедиме прогресивна иднина за нашите деца. Нека е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, наведува премиерот во честитката објавена на неговиот фејсбук профил.

Најново