Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во својата честитка по повод празникот Рамазан Бајрам, потсетува дека „големиот празник го означи крајот на триесетдневниот пост од утро до мрак во кој секој муслиман покрај од храната и пијалакот се откажува и од лоши мисли и дела, посветувајќи се на молитва и на духовност“.
„Како еден од столбовите на исламот, Рамазан е месец на добрина, милост, љубов и простување. Токму во духот на празникот, не само во претстојните три празнични дена, туку и во текот на целата година да живееме во мир и во хармонија, да бидеме солидарни и љубезни, исполнети со среќа и со радост“, порачува во честитката Пендаровски.
Претседателот на Собранието, Јован Митрески во честитката до поглаварот на ИВЗ и до граѓаните од исламска вероисповед по повод големиот муслимански празник посакува денешниот ден да го поминат во среќа, благосостојба и во хармонија со своите најблиски.
„Верувам дека, по еден месец пост, сите Ваши желби ќе бидат слушнати, а меѓусебната почит, разбирањето, толеранцијата и хуманоста, кои треба да бидат одраз на секој човек, ќе помогнат тие да се исполнат. Верските празници го воздигнуваат човекољубието, така што изминатиов месец покажавме дека не е важно на која религија припаѓаме, туку е важна меѓусебната почит и разбирање, кои нѐ прават сите нас подобри и духовно побогати“, наведува претседателот Митрески во честитката.
Претседателот на Владата Талат Џафери во честитката за празникот Рамазан Бајрам им посакува на верниците од Исламската вероисповед здравје, мир, благосостојба и хармонија во душата, во семејството, во државата.
„Тоа е празник што ги обединува семејствата, блиските, пријателите, соседите низ векови, пренесувајќи ја вредносната порака дека само заедничката среќа носи вистинска среќа. Тоа е празник кој поттикнува солидарност и духовна сила кај луѓето за меѓусебна почит, за трпение и разбирање, како единствен пат кон посакуваниот мир. Затоа, да правиме добри дела, да бидеме секогаш еден до друг и со подадена рака еден кон друг да напредуваме сите заедно“, напиша премиерот Џафери во честитката по повод Рамазан Бајрам.