Дури 33 пожари на отворено – 12 активни, 5 под контрола, 16 изгаснати

Во изминатото деноноќие, Центарот за управување со кризи (ЦУК) евидентирал вкупно 33 пожари на отворен простор низ земјава. Од нив, 12 се сè уште активни, 5 се ставени под контрола, додека 16 се целосно изгаснати.

Меѓу најкритичните активни пожари се издвојуваат оние во Василево, Прилеп, Македонски Брод, Крива Паланка и Петровец, каде што гори мешана шума, бор, нискостеблеста вегетација и сува трева. Во некои региони, како Прилеп и Василево, има повеќе активни жаришта, а дел од нив се прошириле и кон други општини и села.

Пожарите што се ставени под контрола се забележани главно во регионот на Македонски Брод, Штип, Струмица и Карбинци, а се работи за пожари на сува трева, деградирана шума и висока вегетација.

Во изминатите 24 часа, целосно се изгаснати 16 пожари, меѓу кои и на локации во Скопје (Сарај, Гази Баба, Шуто Оризари), Куманово, Штип, Струга, Василево, Карбинци и Кривогаштани. Најчесто се работело за пожари на стрништа, дива депонија, сува трева и грмушки, но има и случаи на опожарена штала и мешана шума.

Зачлени се на нашиот е-билтен