Дури и Груевски и Ахмети биле за да се руши, само Мицкоски е против

Во држава во која има над 200.000 дивоградби, премиерот Христијан Мицкоски ладнокрвно објаснува дека неговата филозофија е „да гради, а не да урива“. Парадоксот е што дури и во фамозните „бомби“ Никола Груевски и Али Ахмети – симболи на целиот коруптивно-урбанистички систем – зборуваат дека мора да се стави крај на дивоградбите и дека рушењето им носело политички поени. Со други зборови, она што некогашните лидери барем декларативно го признаваа како нужност, денешниот премиер го релативизира како нешто што не му е „во филозофија“.

Албанскиот премиер Еди Рама веќе години ја гради политичката кариера на една јасна порака: дивоградбите се рушат, без компромис. Под знамето „Urban Renaissance 2.0“ во Албанија се спроведува национална акција за ослободување на јавните простори – од крајбрежјето до градските плоштади – при што илјадници нелегални објекти се веќе срамнети со земја, а граѓаните преку порталот „My Public Space“ пријавуваат незаконски градби кои институциите потоа ги отстрануваат.

На истото прашање – дали ќе тргне по патот на Рама – премиерот Христијан Мицкоски одговара речиси афористички: неговата филозофија била „да гради, не да уривa“. Со тоа не само што праќа сигнал дека не сака да влегува во конфликт со гласачите кои градат на диво, туку индиректно ја брани и веќе создадената „култура на нелегално градење“, која законите години наназад елегантно ја нарекуваат „утврдување на правен статус“.

Во Македонија денес има над 200.000 дивоградби регистрирани во 80 општини. Тоа не е само бројка, туку цел паралелен урбанистички систем – од доградени катови, преку диви кафулиња на тротоари, до бетон во корита на реки. Наместо јасна државна политика за рушење, државата со години нуди амнестирачки закони, кои на секои неколку години го продолжуваат рокот за легализација и ги изедначуваат бесправно изградените објекти со оние за кои граѓаните платиле дозволи, комуналии и даноци.

Парадоксот е уште поголем ако се врати филмот неколку години наназад. Во еден од најпознатите прислушувани разговори („бомби“), Никола Груевски и Али Ахмети разговараат за рушење дивоградби. Ахмети вели дека е „против дивоградбите“ и дека, ако е незаконски, „и едно село нека оди“, додека Груевски додава дека каде и да рушеле, политички „добивале“. Разговорот дури беше повод Специјалното јавно обвинителство да отвори истрага за бесправно изграден објект спроти американската амбасада, во предметот „Лидери“.

Секако, целата приказна не е ни најмалку романтична: други „бомби“ покажаа дека рушењето или нерушењето дивоградби често се договарало по партиски канали, а во јавноста одекна тезата дека со 100.000 евра може да се стопира рушење објект во Чаир. Тоа зборува за селективна, корумпирана примена на законот – не за принципиелна борба против урбан хаос. Но, симболиката останува: дури и Груевски и Ахмети, во својата реторика, признаваат дека дивоградбите треба да се рушат.

Токму тука се издвојува денешниот премиер. Наместо да најави јасна стратегија – кои објекти ќе се рушат по приоритет (опасни за безбедност, во корита на реки, на јавен простор), како ќе се заштитат граѓаните со низок приход и како ќе се санкционира организираното бетонирање – Мицкоски ја претвора целата тема во прашање на лична „филозофија“. Ако филозофијата на премиерот е „да гради, не да руши“, тогаш што да направат урбанистите што укажуваат дека дивоградбите го зголемуваат ризикот од поплави, го уништуваат јавниот простор и се закана за безбедноста на луѓето?

Разликата меѓу Рама и Мицкоски не е само во стилот. Албанскиот премиер ја гради европската нарација токму преку рушење на незаконските градби: чистење на крајбрежјето, враќање на јавните површини на граѓаните, строги акции на Националниот инспекторат за заштита на територијата. Таму пораката е јасна – нема европска интеграција без владеење на правото и ред во просторот.

Зачлени се на нашиот е-билтен