Европските крајнодесничарски и популистички партии, кои со години го третираа Доналд Трамп како идеолошки сојузник по линии како имиграцијата и климатските политики, почнаа јавно да се дистанцираат од него поради два потега што ја разнишаа европската јавност: воениот упад во Венецуела и обидот за преземање на Гренланд, проследен со закани за царини кон европски сојузници.
Според извештајот пренесен од „Сакам да кажам“, дилемата за европската крајна десница е отворена: администрацијата на Трамп претходно им давала јавна поддршка и во американската стратегија за национална безбедност зборувала за „оптимизам“ поради растечкото влијание на „патриотските европски партии“, но сега тие партии се соочуваат со растечко неодобрување во сопствените земји, токму поради американскиот притисок врз Европа.
Најдиректни беа реакциите од Германија. Лидерката на Алтернатива за Германија (AfD) Алис Вајдел оцени дека Трамп прекршил фундаментално ветување од кампањата – да не се меша во работите на други земји, додека Тино Крупала говореше за „методи на Дивиот запад“. Тоа е јазик што во германскиот политички контекст значи обид за оддалечување од непопуларна интервенционистичка политика и од реторика што ја турка Европа во трговско-геополитички ќорсокак.
Слична линија се чита и во Франција. Лидерот на Националниот собир Жордан Бардела порача дека Европа мора да одговори на заканите со механизмите против економска принуда и со суспензија на договорите, сигнализирајќи дека дури и партии што традиционално кокетираат со „суверенистички“ наративи не сакаат да изгледаат како да прифаќаат уцена со царини против европски земји.
Во Велика Британија, партијата Реформа, чиј лидер Најџел Фараж долго време го претставуваше Трамп како близок политички партнер, призна дека е тешко да се процени дали заканите се блеф, но во исто време оцени дека користењето економски закани против земја која се смета за најблизок сојузник „не е нешто што би го очекувале“. Во Шведска, идеологот на Шведските демократи Матијас Карлсон отиде чекор подалеку со груба јавна критика, опишувајќи го Трамп како политичар чиј допир носи штета, а не „злато“.