Намалување на данокот од 10 на пет проценти најави министерот за економија Бесар Дурмиши за сите компании кои остваруваат профит од над 50 милиони евра годишно како едно од ветувањата на новата влада. Оваа мерка пред извесен период ја потенцираше и премиерот Христијан Мицкоски кој за разлика од Дурмиши тврдеше дека идејата е со намалување на данокот на добивка, во земјава да дојдат големи светски мултинационални компании кои би се преселиле во Македонија привлечени од ниските давачки и да се зголеми бројот на вработени.
-Една од мерките кои ги најавивме како Влада е намалување на данокот на добивка од 10% на 5% за сите компании кои остваруваат добивка од над 50 милиони евра годишно. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата, изјави Дурмиши.
Во изминатата година, само пет фирми имале добивка поголема од 50 милиони евра – Џонсон Мети, трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска банка и Јавното претпријатие за државни патишта.
Мицкоски смета дека со намалувањето ќе почнат да влегуваат повеќе пари по таа основа во буџетот.
„Прв чекор кон намалување на даноците ќе биде оној данок на добивка којшто се плаќа сега. Сите мултинационални компании коишто планираат својата добивка да ја консолидираат овде кај нас и таа добивка изнесува над 50 милиони евра, ќе добијат, би рекол, субвенција и начинот на пресметка на таа добивка ќе биде до 5 проценти. Ако сега е фиксно до 10 проценти, во овој случај ќе биде до 5 проценти. Затоа ги повикувам сите македонски компании коишто соработуваат со светски мултинационални компании да ги повикаат во Македонија и веднаш откако ова ќе биде изгласано да може да го консолидираат бизнисот тука“, изјави Мицкоски.