Нов инцидент: Два руски борбени авиони ја преминаа границата на безбедносната зона

Два руски борбени авиони ја преминаа границата на безбедносната зона на платформата за дупчење на полската компанија Петробалтик во Балтичкото Море, соопшти полската гранична стража, додавајќи дека вооружените сили и другите служби биле информирани.

„Два руски борбени авиони извршија ниско летање над платформата Петробалтик во Балтичкото Море. Границите на безбедносната зона беа преминати“, напиша полската гранична стража на X.

Естонија претходно објави дека три руски воени авиони МиГ-31 влегле во нејзиниот воздушен простор 12 минути во петокот во „невидено дрзок“ упад, во услови на зголемени тензии на источното крило на НАТО.

Таа балтичка земја одлучи да побара консултации на НАТО според Член 4 бидејќи руски борбени авиони го нарушиле нејзиниот воздушен простор, напиша премиерката Кристен Михал на X во петокот.

Минатата недела, Полска, исто така, побара од НАТО да го активира Член 4 од Атлантскиот договор, кој предвидува консултации меѓу сојузниците во случај на закана за една од нејзините членови.

Тогаш Полска собори сомнителни руски дронови во својот воздушен простор, поддржани од авиони на сојузниците на НАТО, што е првпат членка на западната воена алијанса да испука истрели за време на руската војна во Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен