Дваесет и четири години од загинувањето на припадниците на АРМ во месноста Љуботенски Бачила

Денес изминуваат дваесет и четири години од загинувањето на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата, во месноста Љуботенски бачила.

На 10 август 2001 година воено товарно возило на АРМ на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, сите припадници на резервниот состав на АРМ.

Во нивна чест Делегација на Собранието во состав на пратеничките Емилија Ангелова и Каролина Насковска, ќе положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето поставено во чест на загинатите бранители во село Љубанци. 

Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев ќе положи венци со свежо цвеќе на спомен обележје на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, споменик на паднатите бранители во село Волково, споменик на загинати бранители во село Љубанци  и спомен-плоча во касарната „Илинден“.

Општина Ѓорче Петров организира оддавање почит пред спомен-чешмата на Томислав Настески – Бумбар, во урбана заедница Мирче Ацев и Централна комеморативна церемонија пред споменикот на загинатите бранители во Волково. 

Зачлени се на нашиот е-билтен