Двајца 16-годишници од Скопје се приведени ноќеска по инцидент со полициска патрола на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, соопшти МВР. Според информациите, околу 00:10 часот полициски службеници забележале мотоцикл без регистарски ознаки, кој го управувал еден од малолетниците, но возачот не застанал на дадениот знак за запирање.
Во обид да избега, малолетникот со мотоциклот удрил во еден полициски службеник и му нанел повреди. Набргу потоа, по преземени мерки, мотоциклот бил запрен, а двајцата малолетници биле фатени и приведени. Како што се наведува, сопатникот при интервенцијата се однесувал агресивно кон полициските службеници.
Од полицијата информираат дека по целосно документирање на случајот, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.