Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Две меѓународни премиери на ,,Љубовната соба “ на режисерката Сузана Диневски

Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, Сузи Кју продукција и Аворд Филм и Видео, ќе има две истовремени меѓународни премиери во текот на месец март, на Феникс Филм Фестивал во Аризона, САД и на ЗагребДокс во Загреб, Хрватска.

,,Љубовната соба” е избран во официјалната селекција на Филмскиот фестивал во Феникси и се натпреварува во категоријата World Cinema Features. Фестивалот се одржува од 23 март до 2 април, 2023 каде што ,,Љубовната соба “ ќе има 3 проекции: на 24-ти, 25-ти и 26 -ти март. Режисерката Сузана Диневски е поканета да го презентира филмот и да учестува во панел дискусијата за филмот после проекциите во делот предвиден за ,,Прашања и одговори”. Инаку, Филмскиот фестивал во Феникс – Аризона стартуваше во 2000 година, но за кратко време прерасна во најголем филмски фестивал во Аризона, а од неодамна е прогласен за еден од 25-те најбарани филмски фестивали и Топ 50 фестивали од страна на списанието ,,MovieMaker”, како и еден од најбараните фестивали за филмаџиите, каде годишно се одржуваат над 275 проекции, безброј работилници и семинари за снимање филмови со капацитет за публика над 20.000 гледачи.

Во истиот период, ,,Љубовната соба “ од 26 март до 2 април ќе ја има и втората меѓународна премиера на  19-то издание на ЗагребДокс во Хрватска во регионалната селекција. Филмот ќе има две проекции на 28-ми март и 29 -ти март, 2023.

ZagrebDox е меѓународен фестивал на документарен филм што се одржува во Загреб секоја година на почетокот на пролетта. Започнат во 2005 година, фестивалот има за цел да ги понуди последните документарни филмски остварувања и да ја стимулира националната документарна продукција, како и да ја зајакне меѓународната и регионалната соработка во копродукции. ZagrebDox е специјализиран фестивал кој ги претставува најдобрите креативни документарни филмови чија имагинативна форма и избор на теми го прават единствен во Хрватска и Европа.

Документарниот филм ,,Љубовната соба”, на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.

Филмот е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (Сузи Кју продукција), а ко-продуцент е Аворд Филм и Видео. Извршен продуцент е Владимир Стојчевски, менаџер на продукција е Горан Стојилковиќ, директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, а тонски дизајнер е Игор Поповски.

 ,,Љубовната соба” минатата година во март 2022 ја доби наградата Neaniko Plano Award на ,,Агора Докс “, на Фестивалот за документарен филм во Солун, Грција.

Зачлени се на нашиот е-билтен