Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Две минимални плати не се доволни да се „истурка“ месецот, цените неконтролирано растат

Статистички податоци секој месец укажуваат на нов скок на трошоците за живот во Северна Македонија, што влијае и на инфлацијата. Во екот на летото, изгор цените во рестораните и хотелите, високите трошоци за транспорт, лекување и домување само го одржуваат високото ниво на инфлација.

На пример, трошоците во јули годинава, во однос на јули лани, бележеа зголемување за 3.0 %, а цените на мало за 3.9 %, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика. Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на живот во јули во однос на јуни 2024 година, изнесуваше 0.7 %. Цените на мало, пак, во јули во споредба со претходниот месец забележале раст од 1.5%.

Зголемувањето на инфлацијата е резултат на растот на цените во рестораните и хотелите, како и на трошоците за транспорт, рекреација и култура, здравје, домување и слично.

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април годинава изнесува 41.085 денари и е за 13,7 отсто повисока отколку во истиот месец минатата година, а за 10 евра или 629 денари се зголемиле минималните месечни трошоци на едно семејство во текот на август во споредба со јули годинава.

Ова го покажуваат најновите пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија, кој ја изработува синдикалната минимална кошница. Според пресметките на ССМ, во август вредноста на минималната кошница изнесувала 61.199 денари.

Во периодот од јануари до август, минималната кошница е зголемена за 4.036 денари, а од кога се пресметува по новата методологија, односно од декември лани до август годинава за 4.677 денари.

Синдикатите изминатиот период зачестено посочуваат дека потрошувачката кошничка се зголемува, а платите многу минимално растат. Од друга страна, има незадоволство кај граѓаните – продолжува трендот на задолжување, а инфлацијата и натаму е висока, иако е едноцифрена.

„Податоците од Синдикалната минимална кошница покажуваат дека и без зголемување на платите, трошоците за живот вртоглаво растат, нема оправдување за тоа, а истото никој не се обидува да го спречи, а ги прави граѓаните, работниците и пензионерите уште посиромашни“, велат од ССМ.

Податоците од Синдикалната минимална кошница, според нив, треба да ги разбијат дилемите на сите оние кои мислат дека работничките плати се највиновни за растот на инфлацијата односно растот на трошоците за живот. „Само со зголемување на платите може да се зачува животниот стандард на работниците и токму затоа барањата на работниците за зголемување на платите се оправдани“, децидни се синдикатите.

Државниот завод за статистика измери инфлација во јули од три проценти на годишно ниво.

Во контекст на тековните економски дебати, неодамнешната изјава на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска дека зголемувањето на минималната плата може да доведе до зголемување на инфлацијата предизвика различни реакции кај експертската јавност.

Економистите сметаат дека оваа изјава е оддалечена од реалноста на оние со минимални приходи.

„Теоретски, зголемувањето на минималната плата може да има инфлаторен ефект, но во пракса, за многу работници ова зголемување е единствениот начин да се справат со растечките трошоци на животот“, коментираат експертите.

Погледнете ја разликата меѓу минималната и просечната плата, додаваат тие, и ќе видите дека има значителен јаз.

Во март годинава, минималната плата се зголеми на 22.500 денари, но синдикатите сметаат дека тоа не е доволно, со оглед на зголемувањето на трошоците за живот.

Сојузот на синдикати на Македонија бараше уште во првите 100 дена од новата Влада да се зголеми минималната плата на 450 евра, односно на околу 27.000 денари.

Зачлени се на нашиот е-билтен