ДЗС апелира на зголемена противпожарна безбедност за време на празничните прослави

Во пресрет на новогодишните и предновогодишните празници, кога традиционално се одржуваат забави и масовни собири во угостителските објекти, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати апел до сопствениците на објекти и организаторите на настани строго да ги почитуваат прописите за заштита од пожари и безбедност на посетителите.

Од ДЗС потенцираат дека особено внимание треба да се посвети на капацитетот на објектите и на условите за безбедна евакуација во случај на пожар или друга итна состојба, со цел да се заштитат животот и здравјето на граѓаните.

Како задолжителни превентивни мерки, од Дирекцијата ги наведуваат: почитување на максимално дозволениот број посетители согласно капацитетот и важечките прописи; обезбедување исправна и редовно одржувана противпожарна опрема, која мора да биде лесно достапна за итна употреба; одржување на коридорите, излезите и евакуациските патишта постојано чисти и проодни; обезбедување функционални и отклучени излезни врати за евакуација; строго почитување на забраната за користење пиротехнички средства и отворен пламен во затворени простории; како и соодветна обука и информираност на персоналот за постапување во итни ситуации.

„Почитувањето на овие мерки не е само законска обврска, туку и морална одговорност на сопствениците и организаторите кон гостите и вработените“, наведуваат од ДЗС.

Оттаму упатија и благодарност до медиумите за нивната улога во подигањето на јавната свест за значењето на превенцијата и заштитата од пожари, нагласувајќи дека со заеднички ангажман може да се придонесе празничните прослави да поминат во безбедна и пријатна атмосфера, без ризици и несакани последици.

Зачлени се на нашиот е-билтен