Пристигнува дигиталното евро

Готовината не исчезна, но нејзината улога во секојдневните плаќања брзо се топи. Во еврозоната луѓето сè почесто плаќаат со картички, телефони и апликации, а Европската централна банка одговара (ЕЦБ) со проект за дигитално евро — јавни пари во дигитална форма, наменети да ги задржат предностите на готовината во новата, безготовинска реалност.

ЕЦБ вели дека целта е да се „надополни” физичката готовина, а не да се замени: да има средство кое е секогаш прифатено, бесплатно за граѓаните и независно од приватни платни мрежи. Причината е и системска: уделот на готовината во плаќањата опадна од 68% (2019) на 40% (2024) според бројот на трансакции, а по вредност — од 40% на 24%. Ако трендот продолжи, расте ризикот европските плаќања да зависат од приватни — често неевропски — платформи, со повисоки трошоци и помала приватност.

И покрај дигиталниот бран, готовината останува важна за малите бизниси: во Австрија над половина фирми сè уште претпочитаат кеш, во Италија околу 40%, а во еврозоната речиси една третина. Токму затоа ЕЦБ го позиционира дигиталното евро како „јавна опција“ што ќе коегзистира со готовината и ќе ја зголеми конкуренцијата во плаќањата.

Како би функционирало? Граѓаните би користеле дигитален паричник обезбеден преку банки или јавни тела. Плаќањата би биле моментални, бесплатни и достапни и онлајн и офлајн. Средствата би се полнеле од банкарска сметка или во готово, со лимити по корисник за да се избегне извлекување депозити од банките. Приватноста е клучен принцип: ЕЦБ најавува дека нема да следи лични купувања, а дигиталното евро секогаш ќе вреди едно евре.

Кога е реално? Проектот е во подготвителна фаза до октомври 2025 година. По законодавните постапки, развојот би траел уште две до три години — што практично ја става временската рамка меѓу 2027 и 2029. Дигиталното евро е замислено како алатка за малопродажни плаќања во Европа, а не како геополитичка валута; доминацијата на доларот глобално не е директна цел на проектот, иако во ЕУ би ја зацврстило улогата на еврото.

Дигиталното евро е обид европските јавни пари да останат релевантни во дигиталната ера — со ниски трошоци, повисока отпорност и избор за граѓаните и трговците — без да се откажеме од предностите на готовината.

Зачлени се на нашиот е-билтен