Во првиот квартал од 2025 година, просечните трошоци за работна сила по час се зголемени за 3,4 отсто во еврозоната и за 4,1 отсто во целата Европска унија, во однос на истиот период од претходната година, објави Евростат.
Трошоците за труд ги вклучуваат заработката и платите, како и другите трошоци што ги плаќаат работодавците, како што се даноците и придонесите. Во еврозоната и двете компоненти, платите и придонесите, забележаа раст од по 3,4 отсто. Во ЕУ поизразен е растот на платите, 4,2 отсто, додека останатите трошоци се зголемени за 3,8 отсто.
Градежништвото и услугите први во растот
По сектори, во еврозоната трошоците за работна сила пораснале за 2,5 отсто во индустријата, 4,7 отсто во градежништвото и 4,3 отсто во услужниот сектор. Сличен тренд е забележан и во ЕУ: индустрија +3,3 отсто, градежништво +5,2 отсто, услуги +4,7 отсто.
Највисок раст на платите во ЕУ е забележан во професионалните, научните и техничките дејности (+7,4 отсто), бизнисот со недвижности (+6,1 отсто), како и во секторот водоснабдување и управување со отпад (+5,8 отсто). Најмал раст на платите има во јавната администрација и одбраната, само 2,5 отсто.
Кога станува збор за неплатени трошоци, како даноци и придонеси, најголем раст е забележан кај истите дејности, стручни и технички услуги (+6,2 отсто), недвижности (+6,0 отсто) и градежништво (+5,5 отсто). Најмал пораст на неплатените трошоци е забележан во снабдувањето со електрична енергија и гас (+1,1 отсто).
Романија води во растот на платите
Меѓу земјите-членки на ЕУ, Романија во првиот квартал од оваа година забележа највисок годишен пораст на трошоците за плати, дури 16,1 отсто. Следат Хрватска со 13,5 отсто, Бугарија со 13,0 и Словенија со 11,9 отсто. Двоцифрен раст е забележан и во Полска (+11,2 отсто) и Унгарија (+10,2 отсто). Од друга страна, најмал раст на платите е забележан во Малта (+1,6 отсто) и Франција (+1,9 отсто).