Дек Шлосберг (32), единствениот внук на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди, следната година планира да се кандидира за Конгресот, јавува New York Times.
Шлосберг е син на ќерката на Џ.Ф.К., поранешната дипломатка Керолин Кенеди, и на дизајнерот и уметникот Едвин Шлосберг.
Веста за неговата прва кандидатура за јавна функција тој ја објави преку електронска пошта испратена до своите поддржувачи во вторникот навечер. Според медиумите, 32-годишникот ќе се бори за номинацијата на Демократската партија за место во Претставничкиот дом на САД, кое го напушта искусниот демократ од Њујорк, Џеролд Надлер.
Шлосберг е политички коментатор и писател, со текстови објавувани во Washington Post, Politico и Time. Со својата амбиција, тој се приклучува на голем број кандидати за 12. конгресен округ.
Надлер (78) најави повлекување следната година, по повеќе од 30 години во Претставничкиот дом, и нагласи дека постои растечка потреба да се отвори простор за помладата генерација лидери.
Одлуката на Шлосберг доаѓа во време кога Демократите се обидуваат да ја вратат контролата над Претставничкиот дом на среднорочните избори во 2026 година, за да го отежнат законодавниот процес на претседателот Доналд Трамп и Републиканците, кои моментално имаат мнозинство во двата дома.
„Нема ништо што нашата партија не може да го направи за да се соочи со трошоците за живот, корупцијата и уставната криза во која се наоѓаме“, рече Шлосберг за Times. „Но, без контрола на Конгресот, скоро ништо не можеме да постигнеме“, додаде тој.
Шлосберг го привлече вниманието на јавноста на вториот ден од Демократската национална конвенција во Чикаго во 2024 година, каде одржа говор поддршка за тогашната потпретседателка Камала Харис во нејзината претседателска кампања.
Некои од неговите коментари биле насочени против неговиот чичко, Роберт Ф. Кенеди младши, кој сега е министер за здравство во владата на Трамп.
Влезот на Шлосберг во политиката следи по брзиот успон на уште еден млад нјујоршки милиенијалец, Зоран Мамдани (34), кој минатата недела беше избран за градоначалник на Њујорк.
Слично на Мамдани, Шлосберг е активен на социјалните мрежи, со повеќе од 830.000 следбеници.

