Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Единството на НАТО и ЕУ доведени во прашање откако проруски политичар победи на парламентарните избори во Словачка, први на удар мигрантиите

Популистичката партија СМЕР на чело со про-Кремљ политичарот и поранешен премиер, Роберт Фицо се етаблираше како победник на изборите во Словачка откако обезбеди повеќе гласови од ривалите, покажуваат официјалните резултати, што дополнително ги подгрева стравувањата за можен удар врз единството во НАТО и ЕУ во врска со Украина, како и предизвиците за заедничката мигрантска политика на ЕУ.

Според последните резултати објавени од Словачкиот завод за статистика во неделата, СМЕР на изборите освоила 22,9 отсто од гласовите, додека Прогресивна Словачка (ПС), либерална и проукраинска партија освои 18%.

Фицо, поранешен премиер во два мандати, сега има шанса да ја врати функцијата, но прво мора да најде коалициски партнери бидејќи неговата партија не обезбеди доволно голем дел од гласовите за да владее сама, пренесува Си – Ен – ЕН.

Словачката претседателка Зузана Чапутова формално побара од него да формира влада во понеделник, според политичкиот обичај на Словачка каде лидерот на најголемата партија ја добива првата шанса за коалициски разговори.

Говорејќи по неговата победа, Фицо ја удвои својата реторика, рече дека „ќе направи сè“ што е во негова моќ да ги започне мировните преговори меѓу Русија и Украина.

„Повеќе убиства нема да му помогнат никому“, изјави Фицо.

Преговорите сигурно нема да бидат добредојдени во Украина, бидејќи засега тие веројатно ќе вклучуваат предлози за отстапување на територијата на Русија, што е неприфатливо за Кијив.

Умерената левичарска партија Хлас, предводена од поранешен член на СМЕР и формирана како огранок на СМЕР по внатрешните спорови, беше трета со 14,7 отсто од гласовите и може да игра главна улога во формирањето влада.

Со тоа што седум политички партии го достигнаа прагот од 5 отсто потребен за влез во парламентот, коалициските преговори речиси сигурно ќе опфатат повеќе играчи и може да бидат долги и неуредни.

На Фицо му требаат уште најмалку две партии за да добие мнозинство во парламентот. Најверојатно се чини дека ќе има коалиција со Хлас и екстремно десничарската националистичка СНС. Фицо во понеделникот рече дека Чапутова му дал 14 дена да преговара.

Иако не е убедлив, резултатот на СМЕР е подобар од очекуваното – конечните анкети на јавното мислење објавени минатата недела покажаа тесна борба помеѓу СМЕР и ПС.

Фицо вети итен прекин на словачката воена поддршка за Украина и вети дека ќе ги блокира амбициите на Украина за НАТО, што ќе ја наруши досегашната цврста поддршка на Словачка за Украина.

Михал Шимечка, лидерот на ПС, рече дека резултатот е „лоша вест“ за Словачка.

„Факт е дека СМЕР е победник. И ние секако го почитуваме тоа иако мислиме дека е лоша вест за земјата. И ќе биде уште полоша вест ако Фицо ја формира владата“, рече тој на прес-конференција рано во неделата.

Шимечка рече дека неговата партија ќе направи „се што може“ за да го спречи Фицо да владее.

„Ќе бидам во контакт со другите политички лидери на партиите кои беа избрани во парламентот – на неформална основа – за да разговараат за начините како да се спречи тоа“, рече тој. „Сметаме дека ќе биде навистина лоша вест за земјата, за нашата демократија, за нашето владеење на правото и за нашата меѓународна позиција и за нашите финансии и за нашата економија доколку г-дин Фицо ја формира владата“.

Питер Пелегрини, лидерот на Хлас, рече дека неговата партија е „многу задоволна од резултатот“.

„Досегашните резултати покажуваат дека Хлас ќе биде партија без која ќе биде невозможно да се формира каква било нормална, функционална коалициска влада“, рече тој, додавајќи дека партијата „ќе ја донесе вистинската одлука“ да стане дел од влада. тоа ќе ја изведе Словачка од „распаѓањето и кризата во која не воведоа (претходните лидери на земјата).

Хлас беше нејасен за својата позиција за Украина во предизборната кампања. Пелегрини претходно укажа дека Словачка „нема што да донира“ за Киjив, но исто така рече дека земјата треба да продолжи да произведува муниција што се испраќа во Украина.

Сериозни последици за регионот

Словачка, источноевропска земја со околу 5,5 милиони жители, излегуваше на гласање за да го избере својот петти премиер за четири години, откако виде низа нестабилни коалициски влади.

Влада предводена од СМЕР може да има сериозни последици за регионот. Словачка е членка и на НАТО и на Европската унија, беше меѓу неколкуте европски земји кои се залагаат за строги санкции на ЕУ против Русија и донираше голема количина воена опрема за Украина.

Но, ова најверојатно ќе се промени под времето на Фицо, кој ги обвини „украинските нацисти и фашисти“ дека го испровоцирале рускиот претседател Владимир Путин да ја започне инвазијата, повторувајќи го лажниот наратив што Путин го користел за да ја оправда својата инвазија.

Додека беше во опозиција, Фицо стана близок сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, особено кога станува збор за критиките на ЕУ. Се шпекулира дека, доколку тој се врати на власт, Фицо и Орбан би можеле да се здружат и да создадат дополнителни главоболки за Брисел. А тука е секако и Полска, која веќе подолго време е мета на критики во ЕУ за повеќе одлуки кои се оценети како спротивни на правниот поредок на Унијата.

Орбан веќе му честиташе на Фицо, велејќи на X, платформата претходно позната како Твитер:

„Секогаш е добро да се работи заедно со патриот. Очекувам со нетрпение!”

Доколку полската владејачка партија „Право и правда“ успее да освои трет мандат на полските парламентарни избори следниот месец, овој блок на „непослушни“ во ЕУ може да стане уште посилен. Интересно, сите три држави, сегашни членки на НАТО и ЕУ, се поранешни сојузнички во Варшавскиот пакт предводен од тогашниот Советскиот сојуз.

Во меѓувреме, либералната партија ПС се залагаше за сосема поинаква иднина за Словачка – вклучувајќи континуирана силна поддршка за Кијив и силни врски со Западот.

Фицо претходно беше премиер на Словачка повеќе од една деценија, прво помеѓу 2006 и 2010 година, а потоа повторно од 2012 до 2018 година.

Тој беше принуден да поднесе оставка во март 2018 година по неколкунеделни масовни протести поради убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова. Куцијак известуваше за корупција меѓу елитата во земјата, вклучително и луѓе директно поврзани со Фицо и неговата партија СМЕР.

Изборната кампања беше обележана со загриженост поради дезинформации, при што Вера Јоурова, највисокиот функционер за дигитални прашања на Европската комисија, однапред рече дека гласањето ќе биде „тест случај“ за тоа колку ефикасно компаниите на социјалните медиуми се спротивставуваат на руската пропаганда во Словачка.

Анкетите укажуваат дека проруските чувства на Фицо ги делат многу Словаци.

Според истражувањето на Глобсек, безбедносен тинк-тенк со седиште во Братислава, само 40 отсто од Словаците веруваат дека Русија е одговорна за војната во Украина, што е најнизок процент меѓу осумте централни и источноевропски и балтички држави на кои Глобсек се фокусираше. Во Чешка, која порано формираше една земја со Словачка, 71 отсто од луѓето ја обвинуваат Русија за војната.

Истото истражување покажа дека 50% од Словаците ги доживуваат Соединетите Држави – долгорочниот сојузник на земјата – како безбедносна закана.

Мигрантите на удар, Словачка може да ја затвори унгарско-словачката граница.

Уште додека беше во опозиција, сегашниот победник на изборите, популистичката партија СМЕР, ја повикуваше владата да започне гранични проверки за да го запре зголемениот проток на мигранти кои преминуваат од Унгарија кон Западна Европа. Словачка последните месеци  забележа скок во бројот на мигранти, највеќе од Авганистан и Сирија, кои влегуваат во земјата, и се пропуштаат по регистрацијата, пренесува Ројтерс.

Шефот на партијата Роберт Фицо, поранешен премиер, кој водеше кампања за одбрана на националните интереси, прекинување на воената поддршка за Украина и противење на какви било санкции кон Русија кои, според него би можеле да и наштетат на Словачка, повика на зтворање на границата со Унгарија.

„Сакаме да ја потсетиме словачката влада дека ги има сите опции – законодавни, технички и кадровски – да ги оживее граничните контроли на словачко-унгарската граница“, рече Фицо на прес-конференција емитувана во живо на Фејсбук.

„Ова е фундаментален чекор што треба да го направиме. Доколку не започнеме да го запреме протокот на илегални мигранти на територијата на Словачка, нема да можеме да ја решиме ситуацијата внатре во Словачка“.

Предходно, преодната Влада дополнително испрати уште 500 војници да и помогнат на полицијата во патролирањето на пограничните области и презеде мерки за брзо регистрирање на мигрантите, велејќи дека е невозможно да се запечати границата со Унгарија, која се протега на 650 километри.

Полицијата соопшти дека мигрантите биле намамени во Словачка бидејќи, токму според законот одобрен од владата на Фицо, таа ги регистрира Сиријците и Авганистанците и им дава право да останат.

Министерството за внатрешни работи минатата недела соопшти дека бројот на приведени илегални мигранти се зголемил за девет пати во однос на една година, на повеќе од 27.000 досега оваа година.

Претседателот на Националниот совет на Република Словачка од редовите на СМЕР, Борис Колар, во првата половина на септември свика итна седница на парламентот за контрола на словачко-унгарската граница за вторник., пренесува Daily news Hungary. СМЕР и некои други независни европратеници ја иницираа седницата додека  Јужните региони на земјата се соочуваат со сериозна бројка илегални имигранти. Некои граѓани иницираа петиција со која бараат од унгарската влада да преземе мерки за ситуацијата. СМЕР бара од владата да воведе привремени контроли на границата меѓу Словачка и Унгарија и дополнително бараат соодветни сили и средства за да се спречи нелегалното преминување на границата., што може да ги вклучи и полицијата и вооружените сили. Итната седница за ова прашање, сепак, засега не се случи бидејќи парламентот не можеше да донесе одлука, што не е исклучено дека гласањето може да се повтори, со поинаков исхот во новата парламентарна констелација.

Најново