Една третина од децата во Македонија се дебели

Наодите од Европската иницијатива за следење на дебелината кај децата (COSI) отвораат сериозно прашање за исхраната и животните навики кај најмладите во земјава. Според објавените податоци, анализата се однесува на деца на возраст од 6 до 9 години и покажува дека проблемот со телесната тежина е поширок од поединечни случаи и веќе има карактер на јавноздравствен предизвик.

Според резултатите, 31,2 проценти од децата имаат зголемена телесна тежина, а 13,7 отсто живеат со дебелина. Овие бројки се над просекот за европскиот регион, каде соодветните стапки се 25 проценти и 11 отсто.

Податоците покажуваат и неповолна слика за секојдневната исхрана. Само 25 проценти од децата секој ден јадат свежо овошје, а 20 проценти секојдневно консумираат свеж зеленчук, додека 40 проценти јадат солени грицки. Повеќе од половина, односно 51 отсто, редовно консумираат слатки грицки три или повеќе дена во неделата.

Кај физичката активност и секојдневните навики, сликата е мешана. Дел од показателите упатуваат на активност, но истовремено 40 проценти од децата поминуваат повеќе од два часа дневно пред екрани. Во објавените резултати се наведува и дека 88,6 проценти спијат најмалку девет часа навечер.

Во студијата се посочуваат и социјални разлики. Децата со зголемена телесна тежина и дебелина почесто живеат во семејства каде родителите имаат низок или среден степен на формално образование, додека навиките што поддржуваат поздрав живот почесто се поврзуваат со повисоко образовно ниво кај родителите.

Особено загрижува и проценката за ниска родителска свесност при препознавање на проблемот. За повеќе од половина од децата кои живеат со зголемена телесна тежина и/или дебелина, родителите сметале дека тежината е во рамки на „нормална“. Тоа значи дека проблемот не е само во навиките, туку и во доцното препознавање на ризикот.

Зачлени се на нашиот е-билтен