Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, предупреди дека Владата и работодавачите „си играат со животите на работниците“ и најави нови протести, па дури и можен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор. Причина е неизвесноста околу зголемувањето на минималната плата.
„Времето кога разговаравме и се надеваме на договор заврши. Владата и газдите си играат со работничката судбина, со работничката пот и со животите на работниците“, изјави Трендафилов за „Трилинг“.
Тој потенцира дека околу една третина од вработените во Македонија живеат со плата под прагот на сиромаштијата, а синдикатот нема да попушти на притисоци. „Ако сакаат да не игнорираат на маса, тогаш ќе мора да не слушнат на улица“, додаде тој.
Трендафилов нагласи дека притисоците врз синдикатот биле постојани во 2025 година, вклучувајќи упади во синдикални организации и обиди за создавање „жолт“ синдикат кој ќе работи во интерес на власта и работодавачите.
Тој го критикуваше и ставот на министерот за труд, Талат Дурмиши, дека минималната плата ќе се зголеми од 1.500 на 2.000 денари во март, како и изјавата на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој рече дека работниците можат да не ја добијат утврдената покачена плата.
„Работниците не можат да врзат крај со крај. Додека одредени луѓе уживаат во луксуз, работниците бараат основни средства за живот. Овој притисок не смее да се игнорира“, рече Трендафилов, додавајќи дека работниците имаат избор да заминат во странство ако не можат да обезбедат пристојни услови за живот во Македонија.
ССМ најавува дека протестите и блокадите ќе продолжат сè додека Владата и работодавачите не ги слушнат барањата за покачување на платите.