Едноставен тест на урина може да го открие ризикот од деменција

Зголемената концентрација на специфичен протеин во урината може да биде ранен показател за опасност од развој на деменција, покажува голема студија спроведена од истражувачи во Холандија и Шведска, објавена во ScienceAlert.

Станува збор за албумин, најзастапениот протеин во човечката крвна плазма, кој вообичаено не треба да се појавува во урината. Кога бубрезите се оштетени, дел од овој протеин „протекува“ во урината — состојба позната како албуминурија. Новите резултати, сепак, откриваат нешто изненадувачко: дека оваа состојба може да укаже и на зголемен ризик од деменција.

Истражувањето опфати 133.000 лица над 65 години во Стокхолм, кои немале претходна дијагноза на деменција. По четиригодишно следење, кај околу 7% од нив се развил некаков облик на оваа болест.

Резултатите покажале дека лицата со умерени нивоа на албумин во урината имале 25% поголем ризик, а оние со високи нивоа дури 37% поголем ризик од развој на деменција во споредба со здравите учесници.

„Бубрезите и мозокот може да изгледаат како сосема различни органи, но ги поврзува нешто многу важно — мрежата на ситни крвни садови,“ објаснува нефрологот Хонг Ксу од Институтот „Каролинска“ во Шведска.

Кога овие крвни садови се оштетени во бубрезите, истиот процес често се случува и во мозокот. Затоа, албуминуријата најчесто се поврзува со васкуларна деменција – облик што настанува поради хипертензија, дијабетес или мозочен удар.

Ова откритие отвора можност едноставниот тест на урина да стане евтин и ефикасен начин за рано откривање ризик од деменција, особено кај пациенти со хронични болести.

„Раното откривање на албуминуријата може потенцијално да го одложи или спречи почетокот на деменцијата,“ додава Ксу.

Зачлени се на нашиот е-билтен