Од денес Европската Унија го активира целосно новиот дигитален систем за влез и излез (EES), кој носи големи промени за сите патници што не се граѓани на ЕУ, вклучително и од Балканот. Наместо печати во пасош, при секое влегување во Шенген-зоната ќе се собираат биометриски податоци – отпечатоци од прсти, фотографија и информации за патувањето, со цел подобра контрола, безбедност и следење на престојот.
Системот, кој почна постепено да се воведува од октомври 2025 година, од 10 април 2026 станува целосно оперативен во околу 29 европски земји. Тој автоматски ќе ги регистрира датумите на влез и излез, како и евентуалните прекршувања на правилото за престој до 90 дена во период од 180 дена.
За патниците, најголемата промена ќе се случува на граница. При првото влегување ќе треба да се направи дигитална регистрација на специјални пунктови, каде се скенира пасошот и се земаат биометриски податоци. При следните патувања, контролата ќе биде побрза, бидејќи системот веќе ги има зачувано податоците и ќе бара само проверка.
Иако целта е да се забрза процесот и да се намали злоупотребата на престојот, првичните искуства покажуваат дека воведувањето не оди без проблеми. На некои гранични премини и аеродроми веќе се појавуваат подолги редици и технички предизвици, па патниците се предупредуваат да пристигнуваат порано и да бидат подготвени за подолги контроли, особено во почетната фаза.
EES е дел од поширока стратегија на ЕУ за дигитализација на границите, а веќе се најавува и следниот чекор – системот ETIAS, кој од крајот на 2026 година ќе бара и претходна онлајн дозвола за патување во Европа.