Ефектите на бурата Оријана доаѓаат во Македонија за 24 часа

Медитеранскиот циклон Оријана сега се префрла кон Балканот. Најголемиот проблем ќе бидат врнежите кои ќе донесат нови поплави низ цела Македонија.

Клучната разлика овојпат е тајмингот. Денес, понеделник 16 февруари, времето изгледа како „пауза“ меѓу два бранови: променлива облачност, сончеви прозорци и повремени врнежи по региони. Но од вечерните часови се стега притисочниот градиент над поширокиот регион и ветерот станува главниот ризик, со жолти предупредувања за повеќе области. Во пракса тоа е оној вид ветер што не изгледа спектакуларно на небо, но прави проблеми на терен: крши суви гранки, турка слабо осигурани конструкции, создава „џебови“ со силни налети по булевари и отворени делници, и ја крева прашината и ситните честички во градските котлини.

Во следните 24 часа Македонија влегува во режим на ветровит бран со повремени врнежи што ќе бидат нерамномерни. Не мора да врне насекаде за да биде ризично. Доволно е краток пороен налет да падне врз веќе натопена почва и врз затнат одводен систем – и проблемот се појавува во најслабата точка, не во најголемата река. Тоа е типичниот зимски парадокс: на мапа „ништо страшно“, а на терен улици што пливаат, подвозници што се полнат и суводолници што за 15 минути стануваат водотеци.

Сликата дополнително се комплицира затоа што изминатите денови веќе донесоа високи количини дожд во делови од земјата, особено на запад, што значи дека системот стартува од „натежната“ позиција. Кога почвата е презаситена, секој нов бран врнежи – дури и краткотраен – ја зголемува веројатноста за одрони по косини, локални излевања по мали корита и проблеми со атмосферската канализација. Во такви услови, ризикот е повеќе инфраструктурен отколку метеоролошки: дали каналите се чисти, дали шахтите „дишат“, дали критичните точки се одржувани, и дали локалните служби реагираат пред водата да влезе во дворовите.

Утрешниот ден, вторник 17 февруари во југозападните и пелагониските делови може да се појави мешавина од дожд и снег, а на повисоките места врнежите полесно ќе преминат во снег. Тоа е моментот кога влажниот коловоз и ветерот се надоврзуваат со уште еден фактор: пад на утринските температури кон нулата и под неа, што ја крева веројатноста за лизгави делници таму каде што врнежите ќе бидат „на граница“.

Зачлени се на нашиот е-билтен