Ефектите од климатските промени предизвикуваат пожари со невиден интензитет: 500.000 хектари веќе се уништени во Европа, прогнозите се алармантни

Ефектите од климатските промени врз екстремните температури се уште посилни, открија истражувачите. Максималните температури во регионот во текот на десет дена минатиот месец се очекуваа еднаш на 2.500 години пред индустријализацијата. Сега се очекуваат на секои 13 години

Екстремните временски услови кои минатиот месец предизвикаа пожари низ Шпанија и Португалија ја зголемија веројатноста за нивно појавување за дури 40 пати, велат разни анализи кои предупредуваат дека за ова се одговрни климатските промени.

Според истражувачите од Светската мрежа за атрибуција на времето смртоносните пожари, кои изгореа 500.000 хектари (1,2 милиони акри) од Иберискиот Полуостров за само неколку недели, беа 30 проценти поинтензивни отколку што научниците би очекувале во свет без климатски промени.

„Размерот на овие пожари е зачудувачки. Потоплите, посувите и позапаливи услови стануваат сè посериозни поради климатските промени и водат до пожари со невиден интензитет“, вели климатолог на Империјал колеџ во Лондон и коавтор на студијата, Клер Барнс за Гардијан.

Истражувачите откриваат дека ваквите услови можеби се случувале еднаш на 500 години во прединдустриската клима, но во денешниот свет, кој е загреан од загадувањето од согорувањето на јаглен, нафта и гас, тие може да се очекуваат на секои 15 години.

Истражувачите откриваат дека ефектите од климатските промени врз екстремните температури се уште посилни. Максималните температури во регионот во текот на десет дена минатиот месец пред индустријализацијата се очекувало еднаш на 2.500 години. Сега се очекуваат на секои 13 години.

Студијата, која сè уште не е испратена за рецензија, се базира на временски набљудувања, а не на анализа на климатскиот модел што групата обично ја спроведува веднаш по деструктивните временски настани. Поцелосна анализа на пожарите во Турција и Грција објавена минатата недела покажа дека климатските промени ги направиле екстремните временски услови 10 пати поверојатни.

Промените во користењето на земјиштето дополнително го зголемија регионалниот ризик од пожари. Неколку топли медитерански земји имаат проблеми со справувањето со ефектите од напуштањето на руралните средини и стареењето на населението, бидејќи младите луѓе се селат во градовите и го напуштаат ненадгледуваното земјоделско земјиште со обрасната вегетација што лесно може да се запали.

Математичарот на Универзитетот во Аликанте, Давид Гарсија, рече дека јавната дебата во Шпанија се фокусирала на намалувањето на руралната активност и растот на вегетацијата.

„Сепак, многу помалку е кажано за влијанието на климатските промени врз овие пожари, кое се покажа како огромно“, додаде тој.

Педро Санчез, премиерот на Шпанија, во понеделник откри детали за климатскиот план како одговор на сè поекстремните временски услови.

Пактот предложен од премиерот ги вклучува сите јавни администрации, како и парламентарните групи, компаниите, синдикатите и целото граѓанско општество.

Санчез рече дека целта е да им се обезбедат на јавните службеници сите потребни капацитети, не само кога ќе се случи пожар, туку и пред него, со цел да реагираат многу поефикасно и со поголеми гаранции отколку што е случајот во моментов.

Зачлени се на нашиот е-билтен