Мартин Ефремов, претседател на Независниот полициски синдикат, на Фејсбук денеска на својот фб профил ја информираше јавноста дека трагедијата од Кочани ја зема својата 63та жртва ‘за која најверојатно никој нема да зборува и да сноси одговорност’.

„Владо Петров беше колегата кој од пензија беше испратен во притвор затоа што додека бил Главен испектор за собраќајни работи потпишал некаков документ за паркинг просторот пред дискотеката. Владо за жал не го издржа притисокот за кој ние вчера зборувавме и не успеа да види ништо од пензијата. Почивај во мир голем човеку. Правда за полицијата е повеќе од потребна, а веќе многу доцни“, напиша Ефремов.
Ефремов постот го заврши со прашањето „КАЈ ЌЕ ВИ ОДАТ ДУШИТЕ“?
Колегите пријателите и роднините се простуваат од Петров.
Владо Петров како пензиониран полициски службеник беше осомничен дека додека бил главен инспектор за сообраќајни работи потпишал документ за паркинг-просторот пред т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја води истрагата против триесет полициски службеници, кои се товарат дека како службени лица вработени во СВР Штип и полициската станица во Кочани не направиле целосна и детална проверка за издавање согласност за добивање лиценца за „Пулс“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир.
Информацијата за смртта на пензионираниот полицаец ја сподели и Македонскиот полициски синдикат, од каде што велат дека нивниот пензиониран колега Петров не ја дочекал правдата.
„Системот наместо да ги заштити оние што чесно му служеле, често знае да ги скрши под товарот на неправдата. Владо Петров останува симбол на еден човек што го даде својот придонес за безбедноста, но не ја дочека вистината правната разрешница“, велат од Македонскиот полициски синдикат.