Египет донесе одлука за целосно блокирање на популарната гејминг платформа „Роблокс“, приклучувајќи се кон земјите што воведоа ограничувања за пристап до оваа услуга. Врховниот совет за медиуми соопшти дека мерката е преземена поради загриженост за онлајн-безбедноста на малолетниците.
Според властите во Каиро, клучниот проблем е можноста за директна комуникација меѓу деца и непознати возрасни лица во рамки на платформата. Ова, велат тие, создава ризик од вознемирување, злоупотреба и манипулација.
Сенаторот Валија Хермас Радван, кој ја отвори темата во парламентот, изјави дека забраната е неопходна за заштита на младите и за зачувување на образовните и етичките вредности.
Надлежните институции проценуваат дека психолошките и бихејвиористичките ризици се значителни, особено затоа што платформата ја користат и деца на многу мала возраст, кои потешко ги препознаваат опасностите во дигиталната средина.