Шефовите на дипломатиите на Египет и Кина денеска во Каиро повикаа на прекин на огнот во Појасот Газа, на 100-от ден од војната меѓу Израел и Хамас, и создавање на државата Палестина како полноправна членка на ОН.
На заедничката прес-конференција, на почетокот на својата турнеја по Африка кинескиот министер Ванг Ји кажа дека тој и неговиот египетски колега Самех Шукри се за независна и суверена држава Палестина во границите од 1967 година, со источен Ерусалим како нејзин главен град.
Во заедничката изјава, двајцата министри повикаа и на „запирање на насилството и борбите“.
Во соопштението се повикува и на „меѓународен мировен самит за да се најде праведно, целосно и трајно решение за палестинското прашање и крај на окупацијата (на Израел) и независна држава Палестина“, која ќе биде територијално поврзана додека Палестинците сега живеат под две ривалски, паралелни влади.
Администрацијата на палестинскиот претседател Махмуд Абас, лидерот на Фатах, контролира делови од Западниот Брег, кој е под израелска окупација од 1967 година, а Хамас, кој војува со Израел откако го нападна јужен Израел на 7 октомври, управува со Газа.
Кина има добри односи со Израел, но ја поддржува палестинската кауза неколку децении и ја смета Палестина за држава. Пекинг се залага за решение на конфликтот врз основа на моделот на две држави.