Европската комисијата одвои 594 милиони евра во рамките на Механизмот за поврзување на Европа (ЦЕФ) за осум прекугранични енергетски инфраструктурни капацитети, кои добија статус на проекти од заеднички интерес, соопшти денеска портпаролот ЕК за климатска акција и енергија Тим Мекфи.
– Прекугранични енергетски инфраструктурни проекти се важен дел од Европскиот зелен договор, кои овозможуваат стабилно снабдување со енергија на европските граѓани и индустријата и борба против климатските промени, нагласи Мекфи.
Според него, пет од овие проекти се за складирање и транспорт на јаглерод диоксид во Франција, Белгија, Холандија, Полска, Ирска, Германија, Шведска, Финска и Норвешка, два се за поврзување на електроенергетските мрежа меѓу Чешка и Германија и Франција и Белгија и еден проект е за складирање на природен гас во Романија.
Како што соопшти ЕК, оваа инвестиција е дел од пошироката рамка на напорите на ЕУ за декарбонизација на енергетскиот систем и за исполнување на целите за намалување на емисиите на стакленички гасови согласно Европскиот зелен договор.
Од вкупната сума 189 милиони евра се наменети за платформата за извоз на јаглерод диоксид „Д’Артањан“ во француското пристаниште Данкерк, 157 милиони евра за инфраструктура за јаглерод диоксид во холандското пристаниште Ротердам, која опфаќа терминал за истовар и 200 километри подводен цевковод, а 2,54 милиони евра интерконекторски проект за јаглерод диоксид во полското пристаниште Гдањск. Вкупно 131 милион евра се наменети за проектот „Северна светлина“ за транспорт на јаглерод диоксид низ неколку земји членки на ЕУ и Норвешка.
Дополнително, 100 милиони евра се одобрени за проектот за паметната електроенергетска мрежа „Габрета“ помеѓу Чешка и Германија, а 1,22 милиони евра за зајакнување на електричната интерконекција „Лони-Ашен-Грам“ меѓу Франција и Белгија.
За зголемување на оперативниот капацитет на складиштето за природен гас „Депомуреш“ во Романија се издвоени 12,77 милиони, што би требало да придонесе за поголема безбедноста на снабдувањето со енергенсот во регионот.
Издвоените средства се во рамки на конкурсот на Механизмот за поврзување на Европа (ЦЕФ) за 2023 година, по што сега Европската извршна агенција за клима, инфраструктура и животна средина ќе подготви договори за грантови со корисниците.