По закрепнување од ковид пандемијата, економскиот раст на Северна Македонија забави како резултат на намалената надворешна побарувачка и на поумерената потрошувачка на домаќинствата, но се очекува негово умерено забрзување во следниот период, со дополнително ублажување на инфлацијата, раст на платите и дознаките од странство, предвидува Европската комисија во своите есенски економски прогнози.
Според ЕК, како што јави дописникот на МИА од Брисел, во следниот период домашната побарувачка ќе остане клучен двигател на очекуваното забрзување на растот на БДП на земјата.
Во исто време, се очекува буџетскиот дефицит да остане покачен, како последици на доспевањето на новите обврски и високите трошоци за задолжување, што ќе го ограничи падот на јавниот долг од неговото високо ниво достигнато како резултат на корона кризата.
Еврокомисијата посочува дека во вториот квартал од 2023 година реалниот БДП се зголеми за 1,1 отсто на годишно ниво, но се намали за 2,1 проценти споредено со претходниот квартал.
Растот на трошоците за живот се одрази врз потрошувачката на домаќинствата и таа забави трет квартал по ред на 1,6 проценти на годишно ниво, но, според ЕК, таа и натаму остана главен двигател на растот на БДП. Комисијата предвидува зголемување на потрошувачката, како резултат на побрзиот раст на реалните плати, во услови на пад на инфлацијата.
Според ЕК, инвестициите во првите шест месеци од 2023 година беа на ниско ниво, бидејќи приватните компании ги трошеа нивните големи залихи создадени во 2022 година.
– Во првата половина на 2023 година, буџетскиот дефицит значително се намали од највисокото ниво во 2022 година, бидејќи трговскиот биланс забележа раст поради намалувањето на цените на енергијата, а во исто време се зголемија и дознаките. Во перспектива, и увозот и извозот треба постепено да се зголемуваат, посочува ЕК.
Сепак, според Комисијата, зголемената домашната побарувачка ќе го поттикнува растот на увозот во следните две години, што ќе го ограничи позитивното влијание на зајакнувањето на надворешната побарувачка и на извозот.
ЕК посочува и дека намалувањето на бројот работници на пазарот на трудот, особено на жените и младите, резултира со дополнителен пад на стапката на невработеност. Од друга страна се очекува вработеноста да продолжи да расте со умерено темпо, пред се во услужните сектори, особено трговијата.
Во прогнозата се посочува дека стапката на инфлација во земјава постепено се намалува од нејзиното највисоко ниво од 19,8 отсто во октомври 2022 година и во септември годинава падна на 6,6 проценти.
ЕК предвидува стапката на инфлација на годишно ниво во 2023 година во просек да изнесува околу девет отсто, но во следниот период ќе претстои нејзино намалување до долгорочниот просек од два проценти до 2025 година.
– Централната банка дополнително ја зголеми основната каматна стапка во првите девет месеци од 2023 година, но со забавено темпо, со што таа достигна 6,3 проценти во септември, додава Комисијата.
Во документот се посочува дека врз јавните финансии влијаат високите трошоци за задолжување и новите обврски, иако со ребалансот на буџетот во септември дополнителните расходи беа покриени без да се зголеми дефицитот за цела година.
– Владата ја зголеми минималната пензија и се согласи на дополнително зголемување од 10 отсто на платите во јавниот сектор од септември, што додава околу 0,2 проценти од БДП на проектираните тековни расходи за 2023 година, се наведува во документот.
Според ЕК, со измените на законите за персоналниот, корпоративниот и данокот на додадена вредност, како и со еднократниот данок на солидарност, се очекува приходите во 2023 година да се зголемат за дополнителни 0,6 отсто од БДП.
– Севкупно, се предвидува буџетскиот дефицит да има мало зголемување во 2023 година во споредба со 2022 година. Под претпоставка дека Владата ги спроведува планираните мерки за фискална консолидација, вклучително и постепеното укинување на енергетските субвенции, буџетскиот дефицит треба постепено да се намалува во 2024 и 2025 година, но сепак да остане над нивото од 2,2 проценти од БДП од предпандемиската 2019 година, се наведува во прогнозата.
ЕК предвидува државниот долг да се движи над 50 отсто од БДП на среден рок, бидејќи примарните дефицити остануваат високи, а каматите се зголемуваат.
– Изгледите за раст би можеле да бидат нарушени доколку главниот проект за изградба на јавни патишта се соочи со значителни одложувања во спроведувањето. Фискалната перспектива исто така може да се влоши ако овој проект претрпи сериозни пречекорувања на трошоците или ако трошоците за финансирање се зголемат побрзо од проектираните, смета ЕК.
Според Комисијата, ризик за растот може да претставува и политичката неизвесност во пресрет на изборите во 2024 година.
– Од друга страна, преговорите за членство во ЕУ може да ги забрзаат структурните реформи, што ќе го зголеми потенцијалот за раст на економијата и ќе ја зајакне фискалната одржливост, заклучува Европската комисија во есенската економска прогноза за земјава.