Европската комисијата денеска усвои пет иницијативи за зајакнување на економската безбедност на ЕУ во време на растечки геополитички тензии и длабоки технолошки промени.
Како што соопшти извршната потпретседателка на Европската комисија за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесар за конкурентност Маргрете Вестагер пакетот има за цел да ја подобри економската безбедност на ЕУ, истовремено поддржувајќи ја отвореноста на трговијата и на инвестициите и истражувањата во економијата, во согласност со Европската стратегија за економска безбедност од јуни 2023 година.
Овие предлози се дел од поширокиот пристап од три столба кон економската безбедност на ЕУ преку промовирање на конкурентноста на ЕУ, заштитата од ризици и партнерство со најширокиот можен опсег на земји за унапредување на заедничките економски безбедносни интереси.
Целта на иницијативите е натамошно зајакнување на заштитата на безбедноста и јавниот ред на ЕУ преку предлагање подобрен скрининг на странските инвестиции, стимулирање дискусии и активности за поголема европска координација во областа на извозните контроли со целосно почитување на постојните мултилатерални режими и прерогативи на земјите членки, консултации со членките и засегнатите страни за идентификување на потенцијалните ризици од технолошките инвестиции, поттикнување понатамошни дискусии за тоа како подобро да се поддржат истражувањата и развојот на технологии за двојна употреба, како и подобрување на безбедноста на истражувањето на национално и секторско ниво.
Комисијата проценува дека и покрај ползата на европската економија од странските инвестиции, сепак некои од нив може да претставуваат ризици за безбедноста и јавниот ред на ЕУ. Врз основа на проценката на над 1.200 трансакции со странски директни инвестиции во ЕУ во изминатите три години, ЕК предлага сите земји членки да воспостават механизам за проверка и за проширување на скринингот на странските инвестиции кои доаѓаат од страна на поединци или компании од земји што не се членки на Унијата.
Комисијата предлага и следење и проценка на инвестициските ризици од европски инвестиции во напредни технологии во странство, кои би можеле да ги подобрат воените и разузнавачките капацитети на земјата во која се инвестира и да се користат против ЕУ или за поткопување на меѓународниот мир и безбедност.
Дополнително, од аспект на актуелниот геополитички контекст, ЕК предлага подобрување на координацијата на контролата на извоз на стоки за цивилна и воена употреба, како електронски уреди, токсини и нуклеарна или ракетна технологија, со цел да се утврди дека тие не се користат за поткопување на безбедноста и човековите права.
Во однос на опциите за поддршка на истражувањето и развојот на технологии со потенцијал за двојна употреба, Комисијата предлага продолжување на актуелниот модел, укинување на фокусот на програмата „Хоризонт Европа“ само на цивилни апликации и создавање на инструмент со специфичен фокус на истражување и развој на технологии со потенцијал за двојна употреба.
Со цел спречување на користењето на истражувањето и иновациите за воени цели во трети земји или за кршење на основните вредности и права, но и за заштита на истражувачките институции од злонамерни влијанија од авторитарни држави, Еврокомисијата препорачува обезбедување на поголема јасност, насоки и поддршка на земјите членки и на истражувачкиот секторот за ублажување на ризиците и гарантирање отворена и безбедна меѓународната соработка.
Денешните предлози следуваат откако лани во јуни Европската комисија објави Стратегија за европска економска безбедносна стратегија, со цел да се минимизираат ризиците во услови на зголемени геополитички тензии и забрзани технолошки промени, а во исто време да се зачуваат максималните нивоа на економска отвореност и динамика. Во документот како приоритетни категории на ризик беа наведени синџирите за снабдување, физичката и кибер безбедноста на критичната инфраструктура, технолошка безбедност и заштитата од протекување на технологија и намалувањето на економската зависност и спречувањето на економската принуда.