Брисел веруваше дека летниот договор со Вашингтон ќе ја спушти рампата на трговската кавга. Но само ден по колумната на Урсула фон дер Лајен, во која го бранеше договорот како „цврст иако несовршен“ и ветуваше „стабилност наместо ескалација“, Доналд Трамп со една објава ја разби тезата за предвидливост.
Нов пакет казнени тарифи за секоја земја што ќе наметне „дискриминаторски“ дигитални даноци или регулативи, плус ограничувања на извозот на заштитени американски технологии и чипови. Пораката беше без адреса, но подтекстот беше јасен – токму ЕУ ја предводи глобалната регулаторна офанзива кон Биг Тек.
Договорот од јули требаше да биде примирје: ЕУ прифаќа болна тарифа од 15% на голем дел од извозот кон САД, а за возврат Белата куќа го затвора фронтот. Но преговорите од самиот старт беа натоварени со американско незадоволство од европските правила – Законот за дигитални услуги (DSA), Законот за дигитални пазари (DMA) и новите правила за вештачка интелигенција.
Вашингтон сакаше тие да се отворат на масата; Брисел одби, бранејќи го суверено право да го уредува сопствен пазар. Во заедничката изјава влезе само завиена формулација за „неоправдани бариери во дигиталната трговија“, ограничена на пренос на електронски услуги и „network fees“. Европските норми изгледаа недопрени – на хартија.
Сигналот од Трамп дека е подготвен да ги употреби тарифите и контролните полуги врз чиповите како алат за извлекување законски отстапки ја врати приказната на почеток. Ова не е само прашање на недоверба по договор; станува збор за судир меѓу две визии: европската, која тврди дека платформите мора да се подложат на правила за конкуренција, транспарентност и безбедност, и американската администрација која регулативите ги чита како напад врз националниот тех-сектор.
Извештаите дека Вашингтон дури разгледува санкции за европски службеници кои работат на DSA ја засилија нервозата во Брисел, кој возврати дека наративот за „цензура“ е погрешен и дека правилата важат еднакво за сите компании, без оглед на седиштето.
На површината, ова е нова рунда тарифна закана. Во длабочина, станува геополитичка битка за регулаторен суверенитет – кој поставува стандарди за дигиталната економија, чии вредности важат и кој има повеќе лостови.
Притоа, идеолошката оска меѓу Републиканците во Вашингтон и извршните директори во Силициумската долина дополнително ја стега споната околу Брисел: компаниите што ЕУ ги набљудува под DMA/DSA седат во прв ред на инаугурации, а Белата куќа ја презема нивната аргументација за „дискриминација“. За Европа, договорот што требаше да донесе оддишка се претвори во мост до нова неизвесност.
ЕУ формално се држи до мантрата „отворени за дијалог, не преговараме закони под закани“. Но истовремено мора да реши дали и кога да ги употреби сопствените инструменти: анти-субвенциски истраги, огледални царини, скрининг на инвестиции и контролa на извоз на критични технологии. До сега, Брисел често бираше трпение – и со Кина, кога намалувањето на извоз на ретки земји беше наречено „уцена“. Прашањето е дали трпението ќе донесе стабилност или ќе биде прочитано како слабост во игра каде економската моќ се користи како политички притисок.
Валери Аје, лидерка на либералите во Европскиот парламент, го формулираше ставот без украси: „Никогаш нема да преговараме за европско законодавство под закани. Закони правиме низ сопствениот демократски процес. Сојузници не уценуваат сојузници.“ Но ако Трамп остане на линијата „почит или последици“, ЕУ ќе мора да прикаже дека има и стапови, не само колачиња. Зашто примирјето што требаше да стави точка – изгледа – беше само три точки.