Со нов концепт, впечатлив визуелен јазик и силна порака, Македонија оваа година се претстави на Франкфуртскиот саем на книгата со штанд каков што досега не сме виделе. Под слоганот „Read in 7/8. Stories with a unique beat“, македонската книжевност зазвуче во својот препознатлив ритам – нерамномерен, возбудлив и автентичен, токму како нашата музика.
На површина од само 32 квадратни метри, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) успеа да претстави 70 автори, застапени во каталозите за возрасна и детска литература, 20 илустратори, како и 11 книги преведени на англиски јазик, подготвени специјално за ланското издание на истиот саем. Секоја книга, секој наслов и секоја илустрација беа дел од внимателно осмислен концепт што ја раскажува приказната за современата македонска книжевност на нов, свеж начин.
Штанд скроен по мерка – со современ изглед и јасна порака
За разлика од претходните години, кога се користеше готов инвентар од организаторот на Саемот, годинава МАИ се одлучи за целосно авторски дизајниран штанд, направен „по мерка“.
„Вложивме многу енергија за да го направиме просторот функционален и впечатлив“, вели Наташа Атанасова, дел од тимот на МАИ.

„Максимално го искористивме секој метар: со преден пулт за информации, три маси за состаноци, полици со книги за возрасни и за деца, и два големи ЛЕД-екрани на кои постојано се вртат фотографии од 70-те автори. Но најважно – оваа година создадовме приказна, визуелна и концептуална, која ја раскажува суштината на нашата книжевност.“
Токму таа приказна е обликувана околу слоганот „Read in 7/8. Stories with a unique beat“, што го поврзува македонскиот книжевен израз со најпрепознатливото нешто од нашата културна ДНК – ритамот 7/8.
„Со овој слоган сакаме да покажеме дека нашата книжевност е оригинална како и нашата музика“, објаснува Бојан Саздов, претседател на МАИ.
„Пееме во 7/8 ритам, па во истиот ритам ги читаме и приказните на нашите автори – непредвидливи, оригинални, со свој пулс и енергија. Тоа е ритам што изненадува и фасцинира.“

Визуелна симфонија: кога ритамот станува графички јазик
Зад визуелниот идентитет на штандот стои дизајн-студиото „Кома“, кое успеа да го преточи македонскиот ритам во визуелна композиција што истовремено наликува на ред од книги, пијано-клавиши и звучен бран.
„Нашата задача беше музичкиот ритам да го преточиме во визуелен јазик“, велат Бане, Марија и Аце од тимот на „Кома“.
„Наместо буквално да го илустрираме звукот, ние го преведовме во графички ритам од линии, блокови и празнини – секвенца во 3–2–2 која го доловува нерамномерниот пулс на 7/8. Палетата ја поврзавме со боите на МАИ и Македонија – топла, енергична, препознатлива. Така создадовме визуелен такт кој се чита, се слуша и се чувствува.“

Токму оваа комбинација на дизајн и симболика ја направи македонската поставка препознатлива на саемот – штанд што не само што се гледа, туку и „се чувствува“.
Каталози, автори и нова веб-страница – модерна визија за книжевна сцена
Она што годинава го прави настапот на МАИ посебно богат е содржината. Покрај новиот каталог за возрасна литература, изработен од жири-комисија во состав Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска и Виолета Танчева-Златева, за првпат беше подготвен и каталог за детска литература, создаден од работна група составена од издавачи кои издаваат книги за деца.
„Во детскиот каталог се застапени автори од помладата генерација, етаблирани автори за деца и најдобрите илустратори на сликовници“, објаснува Атанасова. „Сето тоа го претставивме на модерен и прегледен начин – електронски, преку новата веб-страница www.mai.org.mk/macedonian-literature, која е достапна за сите странски партнери.“

Современ пристап и трка на долги патеки
Свежиот изглед на штандот, внимателниот избор на книги и современата комуникација со посетителите ја одразуваат новата енергија што МАИ ја внесе во промоцијата на македонската книжевност надвор од границите.
„Светот е современ, мораме и ние да бидеме во чекор со него“, вели Саздов.
„Не би рекол дека ова е ребрендирање, туку надградување на македонската книжевност како оригинален бренд. Секоја година учиме, гледаме што се случува на светските саеми и полека, но сигурно, создаваме слика за земја со своја книжевна култура и достоинствен настап.“
Резултатите, додава тој, не доаѓаат преку ноќ:
„Ова е трка на долги патеки. Преку воспоставување контакти со издавачи, преведувачи и агенти, постепено градиме интерес за нашите автори. Од година во година, македонската книжевност станува сè повидлива – онака како што и заслужува.“
Недостига национална стратегија за меѓународна промоција
И додека МАИ веќе неколку години последователно ја гради оваа визија и ја изнесува македонската книжевност на меѓународната сцена, Министерството за култура и туризам сè уште нема национална стратегија за меѓународна промоција на македонските автори.
Македонскиот настап во Франкфурт е доказ дека и мала земја може да испрати голема порака – кога има јасна идеја, креативен пристап и тим кој верува во својата книжевност.
Нашите автори навистина имаат свој ритам. А светот, конечно, почнува да го слуша.